Кој и зошто го штити струмички „Аватар“?

Ги штити ли Државниот пазарен инспекторат дел ноќните клубови кои одеднаш станаа кафе барови? Додека во земјава бројките на заразени и починати од Ковид 19 не стивнуваат, и понатаму се организираат јавни собири во таканаречените кафулиња, кои до скоро се водеа како дискотеки. После скандалот со клубот Аватар во Струмица кон средината на јули, кој поради непочитување на препораките беше затворен 30 дена, повторно се организираат концерти, но овој пат, Аватар не е диско, туку кафе бар. Од Државен пазарен инспекторат велат дека се немоќни – она што било во нивна надлежност веќе го завршиле со поднесување кривични пријави.

Било кое трговско друштво има право да го преиначи својот угостителски објект од ноќен клуб во кафе бар, доколку ги исполнува критериумите. Сопственикот поднесува пријава до Државниот пазарен инспекторат, и доколку податоците одговараат со критериумите, се врши заверка на документот – велат од Државен пазарен инспекторат.

Инаку, министерот за здравство најави дека постојните мерки за заштита од корона вирусот ќе се заострат, предвидено е да се носат маски и на отворено, а  дистанца да има секаде. Но не се знае што ќе се случува со јавните собири?  Во поголем дел од кафулињата  се одржуваат концерти, а борбата со пандемијата се сведува само на свеста на граѓаните, оти маските и држењето дистанца станаа реткост.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста