Кој го минира протестот на КСС? Слаб одзив на денешниот собир

Слаб одзив на првиот од најавените секојдневни протести на Конфедеренцијата на слободни синдикати. Протестот кој требаше да се одвива од Собранието до Владата беше прекинат поради тоа што мал број аминистративци се појавија на денешниот собир пред Законодавниот дом.

Според првиот човек на КСС , причината за ова се огромните притисоци со кои се соочуваат вработените во јавниот сектор. Имено, административците добивале закани со отпуштање од работни места доколку се појават на протест.  Кој ќе бидат следните чекори на КСС ќе се знае откако вонредно ќе заседава членството на конфедерацијата со цел да се утврдат какви и од каде доаѓаат притисоците врз јавниот сектор.

Има голем страв и да излегуваат на улица. Се јавуваат, добиваме голем број повици, претседателите на синдикатите го кажуваат. Притисоци дека можат да ги загубат работните места. Тоа е главна причина зошто денеска сме тука во мал број, изјави првиот човек на КСС Благоја Ралповски

Претходно, конфедерацијата најави дека секојдневно до петок ќе има протести од Собранието до Владата во период од 16-17 часот за на улица да ги кажат своите барања: Усогласување на платите со растот на минималецот, и зголемување на бодот за 103 денари со што најмалата плата во јавна администрација би била 18.200 денари.

Бараме да се усогласат платите во јавниот сектор согласно покачувањето на минималната плата, а не како што е направено со Законот за административни службеници со кој платите се покачуваат од 100 до 200 денари. Дел од јавната администрација се претвори во социјална категорија, доведена е на прагот на преживување во услови на секојдневен раст на цените и растечка инфлација.

Според КСС, со овој проблем се засегнати околу 100 илјади работници во државата. За членството на конфедерацијата е неприфатлив предлогот на ССМ за линеарно зголемување на платите од 2.800 денари.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста