Кој е Наке Георгиев, контроверзниот врховен судија кој го закова последниот клинец во речиси распаднатото судство?

Кој е Наке Георгиев, контроверзниот врховен судија кој го закова последниот клинец во речиси распаднатото судство?

Падна еден од најконтровезните судии. Кој е главниот лик во најновиот скандал кој го тресе македонскиот правосуден систем?

Името на Наке Георгиев практично е синоним со терминот „непотизам“. Неговата ДНК е широко распостранета низ македонскиот правосуден систем. Мајка му, Лидија Георгиева била обвинител во Струмица, а на обвинителска фотелја сега, седи неговата сопруга. И покрај сите обиди, Георгиев не успеа да се дограби до столче во судскиот совет, само за да син му може да стане судија. Таткото судија се повлече затоа што законот забранува крвно сродство помеѓу двете судиски функции. Син му пак, Кирил Георгиев, кој сега е судија, во академијата за судии и обвинители беше дел од контроверзната генерација на слушатели, која се поврзуваше со звучни имиња од политиката и судството.

Минатите гревови на Георгиев не се само непотизмот. Тој е и судија кој доби претставка за несовесно работење, поднесена од 10 штипски бизнисмени, додека тој шефувал со тамошниот апелационен суд. Еден од бизнисмените тврдеше дека Георгиев како судија го оштетил за повеќе од 1 милион евра и повеќе пати прашуваше, како може тој да суди спротивно на пресудите од 8 судии во пониските судови. Оваа претставка, односно барањето за разрешување на Георгиев, судскиот совет ја чуваше во фиока цели 6 месеци, се до моментот кога нивниот колега не требаше да стане еден од нив во советот, па мораа да ги средат претставките. Па за таа цел, тие на затворена седница го отфрлија барањето на бизнисмените. Истите судии за кои тој беше без маани, вчеравечер изгласаа да му се одземе имунитетот и одобрија тој да се притвори.

Не се само бизнисмени, туку и негови колеги судии имаа забелшка дека им се меша во работата. Во декември 2022та членот на судскиот совет Ивица Николовски, на седница се пожали дека судија му дошол во канцеларија да го прашува зошто води дисциплинска постапка. Една година претходно, во 21та медиумите објавуваа за средби помеѓу судијата Наке Георгиев и тогашниот премиер, во неговата родна Струмица.

Наке Георгиев во својот анкетен лист навел дека поседува два стана, во износ од 90 илјади евра, еден во Скопје, а друг во Струмица. На поклон добил куќа од 300 метри квадратни во Струмица, а во истиот град има и уште една од 100м2. Некој го дарувал судијата и со 12 декари земјоделско земјиште, за кое не е наведена локација. Тој очигледно е и голем обожавател на автомобилскиот бренд „Ауди“, бидејќи поседува мала флота, односно три возила Ауди А6.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )