Коха: Mожен бунт во АНБ, се вработува несоодветен кадар на сметка на професионалци

Дали е на повидок бунт во новоформираната Агенција за национална безбедност?

Под овој наслов весникот Коха ја открива скандалозната приказната за начинот на кој оваа клучна Агенција за внатрешната бебзбедност, која ја заменува старата УБК, се екипира со луѓе.

Според весникот, при изборот на луѓе, биле елиминирани професионални кадри со 15-20 годишно искуство во УБК, и тоа со образложенија кои не ги предвидува законот, а се примаат лица кои не ги исполнуваат ни законските критериуми.

Коха пишува дека во групата на нови луѓе кои се дојдени во Агенцијата имало луѓе кои биле уапсени под сомнение дека биле поврзани со аферата Шпион. За началник на АНБ во Прилеп, е назначен човек против кого се покренати 5 кривични пријави. Истиот е именуван на новата функција незаконски, пред да биде примен на работа од страна на комисијата која ги разгледува апликациите на кандидатите, пишува весникот КОХА. Но тоа не се едниствените примери.

АНБ во своите редови ги прими и поранешните вработени во УБК кои раководеа со случајот Сопот, каде по 15 години лежење затвор, се испостави дека уапсените не биле виновни. Меѓу другото, поради нивната непрофесионална работа, државата им исплати обештетување на жртвите во вредност од 1.2 милиони евра, информира весникот КОХА, кој потсетува дека наместо да се наградат со ново вработување, досега кон истите требаше да се поведе истрага за одговорност од Државниот правобранител за штетата што ја предизвикаа со нивното несовесни непрофесионално работење.

Доплнително, како што пишува весникот, проблем е и тоа што комисијата на Агенцијата ги нема одбиено апликациите на лицата со двојно државјанство од Пустец кои претходно работеле во УБК и биле ангажирани претежно за следење на комуникациите на осомничени албанци. Весникот наведува дека тоа било спротивно на законот, но и на препораките на експертите од НАТО.

За разлика од овие кадри, албанските кои работат повеќе од 17г во УБК, биле одбиени со банални образложенија, само поради фактот што тие ги исполнуваат потребните критериуми за раководни позиции во АНБ. Како резултат на ваквото досегашно работење на АНБ, нема да биде испочитуван ни делот на Охридскиот Договор кој ја регулира пропорционалната застапеност, пишува КОХА.

Алфа побара одговри од првиот човек на агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски , но тој не одговори на нашите повици, ниту на смс пораките.

Весникот пишува дека за случувањата во агенцијата е алармирана и партијата на Ахмети, , која е во постојана комуникација со СДСМ со цел да не дојде до ескалација ситуацијата во АНБ.

Агенцијата започна со работа на 1 овој месец. Таа е формирана со цел да се намали моќта на УБК и ќе биде надвор од министерството за внатрешни работи, а дирекно ќе одговара пред премиерот Зоран Заев.

Meри Ѓорѓиевска