Коалиционите партнери на Заев бараат средба

Заев не се соочува само со притисок внатре во СДСМ. И коалиционите партнери бурно реагираа на неговите изјави во интервјуто за агенцијата БГНЕС. Либерал – демократите на министерот за локална смаоуправа, Горан Милевски, на седницата на извршниот одбор решиле да бараат средба на која ќе се разговара за ЕУ перспективите, посебно по ветото од Бугарија.

Ние го осудуваме говорот на омраза, особено на неприфатливиот говор кој го негира самоидентификувањето на секоја личност и на секој колективитет, вклучително и понижувањето на македонскиот народ и македонската нација, порачуваат од партијата – велат од ЛДП.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој е и пратеник во собранието, истакна дека нема да поддржи било каков анекс на веќе потпишаниот договор со Бугарија.

„Премиерот, како и сите македонски граѓани, има право на личен став за односите со Република Бугарија и за начините на решение на спорот, но тој ја има и одговорноста тоа што го говори да не ги повредува чувствата на Македонците – пишува во соопштението на партијата која е дел од владината коалиција.

Остро го осуди интервјуто на Заев и поранешната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, која смета дека такви изјави од македонски политичари се неприфатливи кога се работи за сериозни прашања.

Владеачката коалиција ќе мора да ги усогласи ставовите пред гласањето на доверба на Владата во Собранието кое го најави лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Инаку основачи и функционери на СДСМ од Заев побараа веднаш да замине од партијата. Изјавите на претседателот на Владата предизвикаа лавина реакции од поранешни високи функционери во партијата, меѓу кои поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева, поранешната функционерка на СДСМ Софија Куновска, поранешната пратеничка Ана Данева, и поранешниот генерален секретар на СДСМ  Андреј Петров.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста