Климава вакцинација во Македонија – бројките наспроти здравствените власти

Околу 150 000 граѓани, кои се пријавиле, а сè уште не се вакцинирале, ќе добијат вакцина до 15 јули уверува министерот Филипче. Оние кои не се пријавиле а сакаат да се вакцинираат, таа можност ќе ја имаат откако ќе се потрошат сите термини.

“Во рок од две недели, почнувајќи од понеделник, сите граѓани што се пријавиле за вакцинација ќе добијат термин.Приоритет во добивањето на термин ќе имаат повозрасните луѓе.Без разлика кога се пријавиле, почнувајќи од понеделник, според системот највозрасни, па помлади граѓани, сите ќе добијат термин за вакцинација во наредните две недели“, рече Филипче.

Со вакцините на Фајзер и кинески Синовак вкупно 600 илјади дози, треба да се имунизираат вкупно 300 илјади граѓани. Со тоа бројот на вакцинирани граѓани во следниот период во Македонија ќе се искачи на само 686.000.Во проценти од потребниот број за постигнување колективен имунитет е 68 отсто.

Иако здравствените власти со месеци зборуваа за масовна имунизација, тоа траеше само неколку недели со вакцините на Синофарм. Највисоката дневна бројка на вакцинирани стигна само до 13.000.Последните неколку недели вакцинацијата беше сведена на минимум, и покрај тоа, јавноста не виде никаква посебна кампања за зголемување на интересот за вакцинација. Филипче по којзнае кој пат денеска најави интензивирање на кампањата, но и теренска вакцинација која треба да започне кон средината на јули.

Инаку, за понудата од Словачка да ни донира руски вакцини министерот рече дека засгеа немаме потреба од дополнителни дози.

Министерот не одговори конкретно кога ќе пристигнат нарачаните руски вакцини. Но очигледно, трае дилемата дали заострените односи меѓу Македонија и Русија ја одложија испораката на 200.000 дози на Спутник.

Ања Василева