Ќе заврши ли случајот „Филипче-Филипов“ на маса кај антикорупционерите?

Дали има судир на интереси кај министерот за здравство Венко Филипче? Дали предмет на работа на антикорупционерите ќе биде куќата на атрактивна локација во скопско Нерези, која заедно ја градат Горан Филипов, редовен добитник на милионски тендери од Министерството за здравство и тештата на Филипче, Катерина Савевска? Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, не одговори прецизно дали комисијата ќе отвори предмет по сопствена иницијатива, сепак вели требало да се провери дали наводите се точни.

-Па го слушнавме ние тоа, го видовме. Треба да се проверат наводите дали се точни, дали има основи да се постапува по сопствена иницијатива, по допрен глас, изјави Ивановска.

Филипче потврди дека се познава со Филипов, но вели не биле многу блиски пријатели.

-Да, го познавам човекот, пријателски врски немаме некакви посебно. Меѓутоа, сум во контакт со него, го знам од порано, како од градов, така и тука од клиника, изјави Филипче.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, откако Филипче е министер, „Синерџи медикал“ на Филипов, од Министерството за здравство и други здравствени установи во Македонија, добила тендери вредни 7 милиони евра.

Првиот тендер вреден 350.000 евра, „Синерџи“ го договорила на 26 декември 2017-та, само еден ден откако Филипче седна во министерското столче. Во текот на 2018-та година, фирмата на Филипов со здравствените установи во државата договорила тендери вредни речиси 2 милиони евра.

Профитот бил многу поголем во 2019 година. Тогаш фирмата од Министерството за здравство и другите здравствени установи, договорила тендери вредни речиси 4,7 милиони евра.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста