Ќе се реши ли урбанистичкиот хаос со новиот закон за легализација на дивоградби?

Крај на урбанистичкиот хаос или начин за полнење на буџетот? Во подготовка е новиот закон за легализација на дивоградби. И покрај тоа што 185 илјади предмети за легализација на објекти стојат заглавени, Владата со новото законско решение ќе овозможи легализација и на дивоградбите изградени до октомври годинава. Овие луѓе, освен примателите на социјална помош, верските заедници и јавните институции, ќе треба да плаќаат 150% од вредноста на комуналиите. Министерот за транспорт Сугарески тврди дека законот не значи дека ќе се легализираат сите објекти, туку само оние што ги исполнуваат условите.
Министерот нема проценка колку нови барања за легализација би имало. Јавноста негодува бидејќи ниту една влада не успеа да го реши проблемот со дивоградбите, а доказ за тоа биле и новите изградени нелегални објекти последниве години. Бараат рушење, а не легализирање на градбите. Министерот Сугарески, пак, топката ја префрли кај општините. Нивните инспектори требало да излезат на терен и да ги казнуваат оние што градат на диво. Ако немаат доволно кадар, требало да вработат нови инспектори за да се спречи дивото градење.
Можност повторно да аплицираат ќе имаат и оние кои испуштиле да поднесат документација претходно, за објекти изградени пред 2011-та. Новиот закон за легализација нема да важи за дивоградбите од Охридскиот регион. Архитектите бараа во законот да стојат одредби и за задолжителна асеизмичност на објектите и запазување на енергетските и еколошките стандарди. Досега се легализирани 245 илјади објекти.
Тања Попова