Ќе се отворат градинките, за училиштата ќе се знае следната недела

Градинките добија зелено светло за работа. Комисијата за заразни болести на денешниот состанок одлучи – предучилишните образовни институции ќе може да ги примат дечињата доколку ги исполнуваат условите и протоколите за работа во услови на пандемија. Директорот на ЦЈЗ, Александар Стојанов за Алфа вели состојбата со корона вирусот ќе трае, а децата не смее да бидат жртви на пандемијата.

„Децата треба да се вратат во градинките и во училиштата. Тоа е нашиот став. На денешниот состанок утврдивме дека 95 отсто од градинките ги исполнуваат условите за работа, само 4 до 5 не ги исполнуваат. Но и тие штом ги спроведат протоколите кои ги донесовме ќе може да почнат со работа. Што се однесува до приватните градинки, сите ги исполнуваат условите“, вели Стојанов.

Во меѓувреме, се уште се тактизира околу начинот на кој ќе се одвива наставата во училиштата. Според надлежните се разгледуваат неколку модели – учење со скратени часови и во смени, ротација на групи по принципот една недела во училиште една недела онлајн настава.

„Училиштата ќе имаат задача да изготват одреден акциски план како сетоа тоа ќе се реализира во нивното училиште. Да изберат заедно во координација со Општинските кризни штабови, кој модел ќе биде применуван во дадено училиште во одредена Општина и навремено да си обезбедат средства за дезинфекција, за заштита, сите тие мерки по протокол. Да организираат и распоред. Да ги покриеме сите сегменти и за децата со посебни потреби и за лицата, ученици и наставници со хронични болести“, вели Елизабета Наумовска, заменик министер за образование и наука.

Од ВМРО ДПМНЕ пак обвинуваат дека надлежните доцнат со утврдување на протоколите за училиштата. Предлагаат неколку начини за непречена настава. Часови кои ќе траат по 20 минути, работа во три смени, снимање на асовите и достапност на снимениот материјал за учениците во секое време, како и формирање на групи од по пет ученици за одржување на практична настава во стручните училишта.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста