Ќе никнат ли висококатници на местото на поранешната фабрика „Треска“?!

Ќе се изградат ли мегаломански станбено-деловни објекти на местото на поранешната фабрика „Треска“ во населбата Капиштец? Граѓаните негодуваат, но и критикуваат. Пред камерата на Алфа велат дека ако тука никнат станбени единици, ќе се дозадуши центарот на градот, кој и онака е натрупан со градби.

– Ма какви згради, тука само зеленило треба и паркови, и така сме задушени, ќе се дозадушиме. Али кој не прашува нас, како што наумиле, така ќе си прават, затоа ќе се гушиме во загаденост, реагираат дел од граѓаните пред камерата на Алфа.

Паралелно, на интернет се одвиваат онлајн анкети кои треба да ја регистрираат волјата на граѓаните и да се чуе нивниот глас. Едната ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а другата е граѓанска иницијатива за распишување архитектонско урбанистички конкурс за оваа локација.

Во меѓу време Алфа го праша и првиот човек на Центар дали на локацијата на поранешната фабрика „Треска“ ќе се градат згради, а тој рече дека според стариот ДУП, била предвидена изградба на станбен и деловен комплекс.

– Таму по стариот план има предвидено станбен деловен простор во одреден процент, но знаете дека и тој план како и доста други се под ревидирање додека не се усогласат со Генералниот урбанистички план, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тој изјави дека имаат одредени иницијативи во врска со начинот како тоа да се реши, но како што додаде, не е важно само да се дадат иницијативи, туку тие треба да бидат и правно издржани.

Советот на Општина Центар на последната седница ја прими иницијативата со која се бара просторот кај „Треска“ да се оддели како посебна урбанистичка целина од ДУП „Буњаковец“ и да се уреди со распишување јавен конкурс. Тоа би значело дека општината ќе определи колку да има простор за градба, колку зеленило, и колку приватни и јавни објекти, по што архитектите ќе понудат дизајни како сето тоа треба да изгледа.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста