Ќе имаме ли нов удар по џеб со укинување на евтината струја?

Дали ќе се укине евтината тарифа на струјата за домаќинствата и дали ќе поскапе електричната енергија ќе с езнае до крајот на неделава. Во јавноста излегоа информации дека во Регулаторната Комисија за енергетика се прават анализи за тоа дали поевтината тарифа да продолжи да се користи или не. Од РКЕ засега не коментираат. Неофицијално имало преговори на оваа тема.

Ова беше едно од главните предизборни ветувања на СДСМ во 2016-та. Неколку месеци откако партијата дојде на власт, ветувањето беше исполнето, но сега веројатно повторно ќе се врати старото решение. Не се знае дали ваквиот предлог е уште еден во низата начини како да се соберат повеќе пари од граѓаните во услови кога корона кризата удира врз приходите во буџетот. Барателите за укинување на евтината тарифа го правдаат овој предлог со тоа што земјава се вбројува меѓу државите со најниска цена на струјата во Европа. Граѓаните пак, кои кубурат со пари во моментов поради кризата, сметаат дека постоечкото решение треба да продолжи да важи. Од Европската енергетска заедница, пак, веќе одамна се на ставот дека евтината тарифа треба да се укине бидејќи ваква пракса не постои никаде на континентот.

Се поизвесно е и ново поскапување на струјата веќе од септември. Трите енергетски компании, државните ЕСМ и МЕПСО и приватната ЕВН веќе ги доставија своите пресметки за зголемени трошоци. Колку од нив ќе се признаат и колку ќе придонесат за пораст на цената на струјата треба да утврди Регулаторната комисија. Директорот на РКЕ вели дека намалената потрошувачка на струја поради корона кризата, ги намалила приходите на сите енергетски компании.

“Нема продажба на вишокот електрична енергија од Електрани на Северна Македонија. Ако минатата година тие изнесуваа 22 милиони евра, сега имаат само една продажба која изнесува пет милиони евра што прави сериозен притисок врз нормалното функционирање на ЕСМ. Исто така и дополнителните приходи што ги остваруваше МЕПСО од прекуграничните преносни капацитети кои во 2019 година изнесуваа околу 22 милиони евра, оваа година изнесуваат само околу 11 милиони евра. Заради намалената потрошувачка во регионот, овие приходи и во ЕСМ и во МЕПСО за жал, ги немаме во овој период“ – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Цената на струјата требаше да се утврди до крајот на јуни, но поради вонредната состојба на барање на енергетските компании тој рок се пролонгираше за еден месец. Комисијата одлучи новите цени да почнат да важат по изборите, односно стартувајќи од септемвриските сметки.

Во соседна Србија, една од земјите со најниска цена на струјата, електричната енергија од септември ќе се зголеми за речиси 8%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста