Ќе биде ли 2020-та економска година? Бизнисмените не се оптимисти

Со намалени очекувања поради претстојните избори, бизнисот влезе во 2020-та година. Стопанствениците ја опишуваат како година на предизвици. Во првите 6 месеци не ни помислуваат на спектакуларни резултати. Ќе ги пролонгираат плановите за нови вложувања. Започнатите инвестиции бавно ќе напредуваат, бидејки јавниот сектор забавено ќе ги администрира. Велат на македонскиот бизнис му треба сигурност, стабилност и предвидливост за да може да планира на долг рок. За нив, владината проекција за економски раст од 3.8% годинава е неостварлива. Немаат голема надеж ниту дека забрзано ќе се реализира изградбата на патишта, болници, училишта, железница. По катастрофалната реализација од 50% на капиталните инвестиции до ноември лани, не очекуваат дека нешто ќе се подобри ниту годинава. Напротив, сметаат дека активностите дополнително ќе забават. Владата немала слух за нивните барања, евидентни биле недостатоците и во планирањето и во спроведувањето на проектите.

Новата Влада, без разлика кој ќе ја формира треба да влезе во борба со корупцијата која ја има на секој чекор. Приоритет е да се обезбеди владеење на правото. Бизнисмените се против честото менување на законите. Проблем е да се следат и од страна на компаниите, но и од страна на институциите.

Бизнисмените се уште не добиле ниту предлози за евентуален премин на службеници од јавниот во приватниот сектор. Велат ниту знаат точно со каков кадар располага администрацијата, ниту пак се оптимисти дека луѓето со отпремнини, преквалификација или пак, субвенции на придонеси би прифатиле работа во стопанството. Во администрација имало повеќе бирократски процеси, додека во бизнисот работа на терен и потреба од резултати веднаш. Една од најмногу коментираните идеи на Стопанската комора на северозападна Македонија беше и нивната иницијатива за увоз на работна сила. Додека за некои е неприфатливо ова барање во држава со висока невработеност, тие велат дека тоа е потреба на бизнисот. Во земјава многу бавно се доаѓало до дозвола за престој и работа, но за да се направат сите потребни анализи неопходно било да се направи попис на населението.

Бизнисот бара Владата да креира систем што организирано ќе се бори со сивата економија – компаниите што работат нелегално или да се затворат или да се санкционираат и да станат дел од формалната економија.

Од декември се зголеми и минималната плата на 14.500 денари. Додека меѓународните финансиски институции критикуваа дека порастот на платите треба да биде проследен и со зголемена продуктивност, бизнисмените во повеќе наврати алармираа дека ова ќе предизвика изедначување на платите на работниците со различни квалификации.

Тања Попова