Кирацовски: Дел од уставните амандмани денеска ќе бидат доставени во Собранието

Дел од нацрт уставните амандмани денеска ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија, а постапката ќе почне да се реализира од понеделник па понатаму, најави пратеникот и генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

Тој појасни дека е потребно по три дена за амандман во собраниската комисија па подоцна и на пленарната седница. Доколку сите амандмани, оние што ги знаеме и ги очекуваме да бидат доставени, тоа ќе одземе околу два – два и пол месеци за комплетниот процес, рече Кирацовски.

– Се надевам и убеден сум дека сите пратеници интегративно ќе учествуваат во дебатата за поднесените амандмани, во подобрување на оние амандмани кои се евидентни и сите заедно да го заокружиме процесот што не движи напред кон ЕУ и НАТО, рече Кирацовски.

Тој очекува да биде формирана и комисијата за помирување и национално обединување, и ги повика  сите парламентарни групи да учествуваат во неа.

– Се надевам дека опозицијата ќе ги надмине првенствено партиските проблеми во нивниот контингент, а нивните интереси ќе ги стави да бидат под националните интереси и да се приклучат во таа комисија за сите заедно да учествуваме во процесот на помирување и обединување независно дали ќе оди во функција на амнестија или не. Амнестија за оние што сториле тешки кривични дела апсолутно не може и не смее да има, додаде Кирацовски.