САД и Кина во заедничка борба против климатските промени

Кина и САД се двата најголеми загадувачи во светот – и нивните идни активности се клучни во борбата против климатските промени. Заедничката декларација на двете земји беше поздравена на самитот КОП26.

„САД и Кина немаат недостиг од разлики, но во однос на климата, соработката е единствениот начин да се заврши оваа работа. Ова не е дискрециона работа, искрено. Ова е наука. Математиката и физиката се тие што го диктираат патот по кој мора да се движиме“, вели Џон Кери, претставник на САД за климата.

„Во областа на климатските промени, меѓу Кина и САД има повеќе договор отколку разидување, што ја прави оваа област со огромен потенцијал за нашата соработка“.

Меѓу ветувањата беа соработката за контрола на емисиите на метан, справување со нелегалното уништување на шумите, подобрување на производството на обновлива енергија и забрзување на финансиската поддршка за посиромашните земји. Но, декларацијата не вклучува конкретни датуми или цели.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, по декларацијата напиша на Твитер: „Справувањето со климатската криза бара меѓународна соработка и солидарност и ова е важен чекор во вистинската насока“.

Тоа им даде нова динамика на преговорите, бидејќи делегатите се обидуваат да се договорат за финалниот, во кој земјите се очекува да го ограничат глобалното затоплување на не повеќе од 1,5 степени, цел поставена во Париз во 2015-та година.

Домаќинот на самитот Борис Џонсон ги повика делегатите „да ја искористат можноста“.

„Сега откриваме дека работите се тешки, но тоа не значи дека е невозможно. Тоа не значи дека не можеме да ги одржиме тие 1,5 (степени Целзиусови) во живот“, рече Џонсон.

Делегатите, исто така, преговараат колку побогатите нации треба да платат на земјите во развој за да ги ублажат ефектите од климатските промени – ветување првпат дадено во 2009-та година.

Првиот нацрт-текст објавен во средата ги повикува земјите да ги „повторат и зајакнат“ своите цели за намалување на емисиите пред крајот на 2022-ра година. Во него се вели дека богатите земји треба да го надминат ветувањето дека на посиромашните нации ќе им плаќаат 100 милијарди долари годишно.

За Алфа од Гласот на Америка, Јованчо Наумоски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста