Ќе стане ли античкиот археолошки локалитет „Стибера“, или „Македонската Помпеја“, конечно интересна за државата ?!

     Непроценливо вредно археолошко богатство крие античкиот град „Стибера“, во непосредна близина на прилепското село Чепигово.  Оваа  непресушна ризница на извонрено вредни артефакти, главно мермерни бисти, скулптури и статуи, но и други предмети од мермер, на прагот од новата календарска година чека државата конечно да покаже добра волја и согласно своите ингеренции да им понуди соодветна експропријација на жителите од селото Чепигово во чија сопственост се наоѓа земјиштето каде што се наоѓа овој локалитет, познат и како Македонската Помпеја. Нерешените имотно-правни односи, незаслужено Стибера ја ставаат во сенка на другите макеодонски антички градови, иако нејзината археолошка вредност е многу позначајна, смета археологот Душко Темелкоски, кој повеќе години работи на овој локалитет.

  „Терминот „Македонска Помпеја“ за Стибера во научната-стручна литература го внесол покојниот професор д-р Иван Микулчиќ уште кога почнува да се откриваат во 1953/54 година, првите градби во Стибера и понатаму во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Се пронаоѓаат на мал простор во сите градби на Стибера, голем број на скулптури на божества и на видни граѓани кои што пленат со својата извонредна изработка. На други локалитети во Македонија се најдувани скулптури од мермер, меѓутоа не во толкава голема бројка и така репрезентативно изработени како што се во Стибера“, – обајснува Душко Темелкоски, археолог при НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп.

   Според Темелкоски, фактот што во Македонија немало вулканска лава како во Помпеја, а која го покрила целиот град што всушност го овозможило и сочувувањето на толку многу артефакти таму, откриеното подземно богатство во нашата Помпеја, односно во Стибера, го прави уште поимпозантно.

   „Овдека не е сочувано од лава, меѓутоа еве, имаме сешто сочувано под земјата и којзнае што уште не крие Стибера под земјата на тој простор во околината на селото Чепигово“, – посочува Темелкоски.

    Инаку, досега во ова античко археолошко наоѓалиште откриени се преку триесет мермерни наоди, бисти и скулптури на божества и видни граѓани од тоа време, кои се изложени во музеи како во земјава, така и надвор од неа.

                                                                                     Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста