Ќе се прошири листата на производи со замрзнати цени

Цената на оризот и јајцата најверојатно ќе остане иста уште два месеци, покрај цените на основните производи кои владата веќе ги замрзна. Можно е да се проширува листата производи чии цени во наредниот период не смеат да се зголемуваат. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека на владина седница веќе утре ќе се разгледува опцијата за нови прехранбени произвиди да влезат во листата чија цена во наредните 2 месеца, ќе остане иста. Ако е потребно, мерката за замрзнување на цените ќе се продолжи и по 31 јануари в година.

  • Цените од 1 декември ќе важат до 31 јануари 2022 година. Цените не може да се зголемат туку само да се намалат и затоа ние правиме напори да го зголемиме производството на електрична енергија, да нема ценовни шокови со електричната енергија и трошоците на претпријатијата да бидат помали, нагласи министерот Крешник Бектеши.

За бизнисот неприфатливо е замрзнување на цените, без државата да ги стабилизира влезните цени на суровите. Стопанствениците сметаат дека мерката нема да вроди со плод, зашто се носи без нивна консултација, и без да им помогне за покривање на загубите. Ефектот, според нив, ќе биде спротивен, односно компаниите кога ќе ги потрошат залихите, ќе бидат приморани да стават клуч на врата, и да отпуштаат работници.  

  • На долг рок ваквата мерка може да доведе до недостиг на овие производи на рафтовите, одредено зголемување на сивата економија и други несакани последици. Компаниите кои ги произведуваат овие производи на краток рок се спремни да претрпат одредени загуби за да останат на пазарот, но на долг рок ќе го пренаменат производството и со разни шпекулации ќе се обидат да ги намалат загубите, коментира Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи на Македонија.

инаку, Владата веќе одлучи цените на лебот, шеќерот, брашното од тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и од 3,5%, свежо месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата нема да се менуваат до крајот на јануари.

Дел од бизнисмените на млечни производи алармираат дека ги трошат залихите, а што потоа, ќе кажат откако ќе ги прокнижат загубите.

Откако одлуката ќе се објави во Службен весник, цените во маркетите на основните производи треба да се вратат на ниво од 1 декември. Дали газдите тоа ќе го спроведуваат, ќе проверува Пазарниот Инспекторат. Инаку, замрзнување на цените засега воведе Србија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста