Ќе се чешла помошта од 100 милиони евра за стопанството

Ќе се чешла помошта од 100 милиони евра за стопанството

Владата ќе врши ревизија на финансиската помош којашто претходната власт им ја додели на компаниите како помош за време на ковид кризата. Откако пред неколку дена, премиерот Мицкоски изрази сомнеж околу поделбата на парите, денеска Владата треба да формира ад хок тело кое ќе испитува дали биле направени евентуални злоупотреби. Ова тело треба детално да испита под кои критериуми биле доделени 100 милиони евра за поддршка на стопанството.

Мицкоски рече дека согласно законот, такво тело кое требало да контролира како, на кого и за што се делат парите, требало да се формира уште кога се донела одлука да се додели таква помош, но тоа не било направено. Не бил донесен ниту соодветен Правилник, па затоа за државните пари конкурирале и фирми кои не ги исполнувале законските услови.

Инаку т.н. антикризни мерки за справување со ковид кризата беа поделени во неколку пакети. Требаше да им помогнат на фирмите да не стават клуч на врата, да го одржат производството, да ја подобрат конкурентноста и да го зголемат извозот. Најголем дел од нив се однесуваа на помош при исплата на минимални плати за работниците во одредени сектори кои беа целосно затворени поради пандемијата.

Не е само злоупотребата на парите за антиковид мерките. Кога го презентираше ребалансот на буџетот, министерката Димитриеска Кочоска ја обвини претходната влада за недомаќинско и криминално работење со државните пари. Според неа, штетата врз буџетот изнесува неверојатни 520 милиони евра. Пензиите за декември биле евидентирани во јануари, институции одвоиле пари за плати само за 6 месеци, се прераспределувале и унапредувале незаконски административци, не се враќале долгови, не предвиделе доволно пари за МРТВ, за мерката студентски оброк, за локални проекти, немало пари дури ни за исплата на кирии на амбасади.

Аналитичарите веќе упатија апел до Јавното обвинителство итно да реагира на ваквите обвинувања и да поднесе соодветни пријави. Оттаму , пак одговараат дека чекаат на доказите од Министерството за финансии. Премиерот рече дека скенирањето на состојбите изминатите недели открило многу случаи на „безмилосно трошење“ кои се документираат во периодов и ќе бидат предадени на надлежните органи.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста