Ќе останеме без струја, одговорност и оставки нема ни од „РЕК“, ниту од „Мепсо“ ниту од „ЕСМ“

Нема да има одговорност за првите луѓе на „Електрани на Македонија“, „Мепсо“ и „РЕК“ Битола, откако никој не успеа да ја стави под контрола лошата енергетската состоја во Македонија. Од Владата, која ги назначува директорите, како да живеат на друга планета. Велат дека сите успешно се справувале со целата ситуација.

  • Владата во моментов е фокусирана на успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енергетска криза. За остварување на таа цел, вклучени се раководствата на сите компании од енергетскиот сектор и владините институции. Владата транспарентно објави дека централно место во планот за справување со последиците од глобалната енергетска криза има заложбата да се заштитат граѓаните од ценовни шокови, а за компаниите да се обезбеди најповолната цена на електричната енергија, велат за Алфа од Владата.

Дека се неизбежни рестрикции и поскапување на струјата и тоа до 50% по Нова Година, предупредуваат експертите. Алармираат дека состојбата е крајно сериозна. Бизнисменот Горан Рафајловски рече дека ќе имаме огромоен проблем, и дека државава спие, наместо активно да работи за ублажување на ударот.

  • Утре е нов ден беше главната флоскула на оваа влада, а се однесувавме купи ден помини. Косово, да бидеме начисто нема да ни даде јаглен, а реално ние не извршивме ни редовно одржување на РЕК Битола. За ваквата ситуација оставката е најмалку што може да си поднесат тие луѓе кои стоеа зад оваа стратегија, вели Рафајловски.

Рафајловски вели дека компаниите кои добавуваат струја беа убедени дека ќе обезбедат ниска цена на струјата.

  • Доколку не го знаеле тоа и не го предвиделе тогаш се лоши во бизнисот. Кај нас се докажа постојат исклучително два силни партиски блока кои постојано се менуваат на власт. Двата партиски блока оној момент кога ќе се затворат сами со себе или го победат другиот создаваат експлозија и одвнатре се распаѓаат, вели Рафајловски.

Тој вели дека одлуките сега треба да бидат многу рационални, а дека струјата сигурно ќе поскапи, па државата ќе мора да интервенира со високи суми од буџетот.

Дека ситуацијата е лоша, и од утрово повторно преземавме струја, но помалку од претходно, изјави првиот човек на МЕПСО Куштрим Рамадани. Тој е дециден дека мора брзо да се реагира и дека во моментов топлото време е на наша страна.

  • Преземавме утрово струја од европската мрежа, но не многу околу 30 до 40 мегаватчасови струја. Сепак исклучувањето на блокот во РЕК Битола не ни оди воприлог, не се знае што ќе правиме со јагленот и дали освен за РЕК Битола ќе може да се стави во функција и ТЕЦ Осломеј. Секако ситуацијата со нула домашно производство не е во добра и не ни оди во прилог, вели Рамадани за „Фактор“.

Тој рече дека во моментов на компанијата и требаат околу 30 милиони евра од кои 15 милиони евра се за ликвидност. Деновиве ќе стасаат за наплата фактурите од преземањата на струја кои МЕПСО ги правеше во претходниот период. Можноста да се префрлаат пари од буџетот ќе се отвори со прогласување на кризната состојба која е планирана за утрешната владина седница.

Министерот за економија Крешник Бектеши ќе бара од Владата прогласување кризна состојба. Но тврди рестрикции не се потребни. Сепак експертите бараат надлежните веднаш да излезат со план за справување. Ако се делува сега во секторот енергетика ќе биде потребно да се вбризгаат околу 200те милиони евра, но ако се чека ќе требаат многу повеќе пари. Во моментов за санирање на штетите во секторот на располагање има 100 милиони евра.

Инаку, за да се надоместат недостатоците, минатата недела ЕСМ набавиле електрична енергија. Од две фирми биле купени 26.000 мегавати, за 5,5 милиони евра. Испораката ќе ќе трае до 20 ноември.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста