Ќе му се намали ли казната на Мијалков од 12 на 9 години за застарување на дело?

Ќе лежи  ли Сашо Мијалков девет наместо 12 години затворска казна, оти едно од делата за кое има пресуда е застарено? Дали е навистина застарено  или  судот остава простор за политички  договор?  Според неговите адвокати, три години од неговата затворска казна, која е за делото Примање награда нема да ја има ниту во првостепената пресуда со која е осуден на 12 години затвор бидејќи таа се уште не е напишана.

  • Застарува на први март оваа година, односно застаре на први март оваа година, со оглед дека во обвинителниот предлог беше наведено последното наводно дејствие било преземено во текот на февруари, пред 6 години, значи 2015 година кое секако не е точно. Меѓутоа по изминувањето на сите овие шест години не постои можност за кривичен прогон и не постои можност да оваа казна егзистира во писмената пресуда на судот доколку истата биде изработена по први март. Имајќи предвид дека ние сеуште не сме ја добиле писмената пресуда и најверојатно истата во моментов се изработува, според мене, сметам дека не би можело ова дело да биде во склоп на пресудата односно во склоп на казната која што му е изречена – изјави Петар Василев- адвокат на Сашо Мијалков за емисијата КОД.

Аналитичари и познавачи на правото велат дека тврдењата на Василев се правна измислица. Пресудата за Мијалков од Кривичниот суд ќе излезе како што е запишана односно за него ќе има затворска казна од 12 години. Откако Апелација ќе ја донесе правосилноста, одбраната ќе може да се жали но повторно последниот збор ќе го има судот.

  • Судот по службена должност внимава на застареноста на делото, на апсолутната и релативната. Во овој случај била донесена на 24 а објавена на 26-ти февруари кога де факто нема застарување на кривичното дело. Доколку во текот на жалбата одбраната има право да поднесе жалба и да преговара, а Апелациониот суд е оној кој ќе оцени дали настапила апсолутната застареност. Сите овие изјави кои ги слушнавме деновиве дека делото ќе му било намалено и ќе се одело со девет наместо 12 години казна се правна измислица и нема основа во законот. Секој  што тврди така нека посочи на кој член се повикува. Единствено што и останува на одбраната, ако тезата и е дека делото застарело, тоа да го запише во жалба а Апелациониот суд кога ќе го  разгледува тогаш ќе каже и само суд може да констатира дека одредено дело застарело – вели Саше Димовски.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби затворска казна во траење од вкупно 12 години во случајот „Таргет-Тврдина“. Беше прогласен за виновен  за делото примање награда за противзаконито влијание, а осуден беше и за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста