Бизнисот алармира дека е неопходен седми пакет мерки

Ги промарши ли власта досегашните шест пакети антикризни мерки, па сега се спрема за нов седми по ред. Бизнисмените алармираат дека неопходен им е нов сет на мерки за стопанството да ја преброди кризата. И покрај проблемите и критиките за државната помош среде криза, која стопанството редовно ја критикува како задоцнета и недоволна. Бројките, велат, се поразителни по сите параметри, иако од Владата очекуваат раст на економијата годинава. Бизнисмените велат дека помош треба да има.

Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека од пандемијата освен текстилната индустрија, како и туристичките и угостителските работници кои беа затворени неколку недели, под голем ризик за опстанување се и индустријата за процесуирање на храна, и трговијата воопшто.

Миле Бошков, претседател на Koнфедерацијата на работодавачи вели дека во Македонија од вкупно 70 илјади компании само 40 до 50 илјади реално се фукционални, а дека останатите имаат проблем со ликвидност или се на праг на ликвидација со години наназад, но оти пандемијата за нив ги нагласила долгогодишните проблеми.

  • Факт е дека економијата и потрошувачката и производството се намалени и треба да се размислува да се прави стратегија што ќе се прави со тие луѓе. Меѓу 24 до 45 илјади вработени се под ризик да ја загубат работата поради пандемијата, вели Бошков.

И додека власта се фали дека економската состојба била добра, стопантството предупредува дека едвај преживува. Освен фирмите во слободните економски зони, кои колку толку бележат позитивни резултати во делот на извозот, во сите други сегменти состојбата е поразителна. Најкритично е во текстилната и кожарската индустрија. Без работа, или под закана дека ќе ја загубат работатат се десетици илјади вработени во овие сектори.

  • Дали и колку владините антикризни мерки беа реални и помогнаа да се спасат бизнисите зборува стопанството кое бара седми пакет мерки, за помош на бизнисите кое во услови на криза едвај преживува. Но сега во таков обем на работа и со толкав број на работници сопствен бренд тешко може да опстане, сите работиме за извоз, а тоа сега го нема. Тоа значи постепено намалување на работници зашто дел од компаниите ќе пропаѓаат, тоа мора да биде долгогодишен процес за да не се случи одеднаш голем број работници повторно да останат без работа, вели за Алфа Маријана Перковска, Претседател на Текстилниот кластер на Македонија

А паралелно со ова, пандемијата го опустоши и занаетчиството, и ги затвори речиси занаетчиските дуќани во Скопје.

Од 17,8 милиони евра, колку што тежи последниот шестиот пакет на економски мерки, само за угостителството се предвидени 9,9 милиони евра. Од Владата сметаат дека тој е соодветен, праведен модел за спас на туристичко-угостителскиот сектор, но од секторот не мислат така. Велат дека оваа помош била недоволна.

Според последните податоци, над 60.000 работници останаа на улица, а стотици бизниси ставија клуч на врата. Само лани биле затворени речиси 6.000 фирми. За евентуално подобрување на состојбата, според стопанствениците може да се зборува дури за втиората половина на годинава, но под услов да има брза и ефикасна имунизација.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста