Ќе има и свадби и забави додека не се усвојат законските измени, газдите ќе поминуваат само со кривична, но не и клуч на врата

Откако инспекторите го преспаа цело лето, сега ќе ги засилувале контролите во угостителските објекти. Од пазарниот инспекторат сега велат дека оние ресторани кои организираа свадби и други веселби, и на големо ги кршеле протоколите за заштита, и натаму нема да бидат затворени, туку предупредени, зашто за тоа не биле усвоени законските измени. До нивно стапување во сила, од инспекторатот апелираат на одговорност, но и свесност на граѓаните.

  • Кафеаните и рестораните во кои се одржуваат свадби и веселби и покрај забраната, засега добиваат само кривични пријави. Откако пак Собранието ќе ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, ќе може да бидат затворени на 30 дена и да им се изрече парична казна на самото место со платен налог, појасни Стојко Пауновски, дректорот на Пазарниот инспекторат.

Тој додаде дека одговорноста и свеста кај граѓаните сепак игра најголема улога во заштитата бидејќи, нема што да се преземе друго ако не делуваат казните. Инспекцискиот совет за една недела спровел 2.183 контроли, при што биле поднесени 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност или прекршување на работното време, а седум биле за непочитување на здравствеите пртоколи, односно за две се за свадби во Скопје и Тетово и пет за локали кои не почитувале растојание и број на маси и друго.

Иако недостасуваат инспектори, од инспекцискиот совет се правдаат дека сепак ќе се стигнело секаде. Сега најавуваат и казни за фирмите што нема да ги почитуваат мерките за заштита и тоа од 2.500 до 30.000 евра, во зависност од претпријатието.

Директорката на Инспекцискиот Совет Магдалена Грашкоска днесека на пресконференција соопшти дека инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 1180 контроли, од кои 538 се инспекциски надзори спроведени согласно материјалните закони, а дополнително извршени биле уште 642 контроли по основ на здравствените протоколи за работа на угостителските објекти.

  • Инспекциските служби ќе продолжат со редовни контроли и санкции каде нема да се почитуваат здравствените протоколи, најави Грашкоска. 

И додека се чекаат законските измени и само се апелира периодов на големо се организираа свадби и веселби. Последна во низата беше онаа во скопско Глумово, каде во ресторан беа собрани дури 250 гости. И наместо итно затворање на локалот, газдата доби само кривична пријава за непочитување на мерките, што е катастрофално ако во предвид се земат бројките на новозаразени кои секојдневно растат.

Борис Грујоски

Поврзани вести