Ќе доцнат ли платите на над 100 илјади работници?!

Ќе доцнат ли платите на над 100 илјади работници? Сметководителите се жалат дека поради доцнењето на ребалансот на буџетот имаат ограничено време да аплицираат за субвенции на плати. Целосната документација треба да се предаде до крајот на следната недела, а усвојувањето на ребалансот и Законот за финансиска поддршка за исплата на октомвриска, ноемвриска и декемвриска плата се очекува на средината на наредната недела. Владата не почнала со планирање на прекројувањето на државната каса навреме – велат тие. За само неколку дена сметководителите треба да го анализираат законот, да го искомуницираат со директорите на фирмите, да ја приберат целосната документација, да ја евидентираат, да направат споредба со претходната година, да видат дали се исполнети бројните услови, па дури потоа да направат пресметка на плати и да чекаат потврда од Управата за јавни приходи за да легнат парите на сметките на работниците.

„Јавниот сектор не е доволно спремен да го спроведе, еве кажете што во моментов можеме како продукт на јавната администрација да добиеме како граѓани, како бизнис заедница? Значи мораме да се ресетираме и да почнеме да размислуваме пазарно, бидејќи без здрав приватен сектор нема полнење на буџетот, без полнење на буџет нема јавен сектор, мора да сфатеме дека сме заедно во приказната“ – вели потпретседателот на ССК Драган Митковски.

Сметководителите тврдат дека илјадници фирми и покрај тоа што имале проблем да исплатат плати, воопшто не се охрабриле да аплицираат поради бројните ограничувачки услови кои ги исклучиле како квалификувани за мерката. Дел од нив останале како елиминирачки фактори и во 4-тиот пакет мерки. Од друга страна, пак, од Владата тврдат дека ребалансот на буџетот не доцнел. Компаниите ќе имале време да аплицираат на време за мерките од најновиот антикризен пакет.

„Треба согласно јавно-приватниот дијалог со Стопанските комори, сите мерки да бидат утврдени, откако се утврдени ,веќе ние сме ги ставиле во предлог Ребаланс на буџетот, очекуваме овие денови да биде поддржан како предлог на Владата, имајќи во предвид, откако се врати Ребалансот во Влада, неколку од амандманите од страна на опозицијата се прифатени и се вградени во буџетот, во петок има пленарна седница и очекуваме во наредните пет дена да биде усвоен“ – вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Од УЈП најавуваат дека поради недоволното време за аплицирање, најверојатно ќе го продолжат рокот за поднесување документација за исплата на октомвриската плата. Сепак, засега нема официјално известување за пролонгирање на барањата. Ако се знае дека досега во просек 20 илјади фирми аплицираа за субвенции месечно, на над 100 илјади работници ќе им доцни октомвриската плата. Поддршката на плати треба да биде скалеста од 14.500 до 21.776 денари по работник зависно од падот на приходи на компанијата. Од буџетот за оваа намена ќе се одвојат 70 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста