Казни од 20 евра за граѓаните што не носат маски, за фирмите по 2000 евра

Граѓаните ја почитуваат обврската за носење на заштитни маски која стапи на сила денеска. Сликата низ скопските улици укажува дека голем дел скопјани ја прифатија мерката за заштита од корона вирусот и утрово излегоа заштитени со маски на лицето. Најдисциплинирани се повозрасните граѓани, но не и помладите. Ретко кој од нив носеше заштитна маска. Сепак, вчерашната одлука на надлежните остави и низа нејаснотии.

Трговските објекти, маркетите, аптеките и банките не смеат да ги примаат потрошувачите кои ќе дојдат без заштитна опрема, маска, шал или марама. Ова ќе важи и за зелените пазари – и таму е задолжително да се прекрие носот и устата оти невозможно е да се држи задолжителната физичка дистанца од два метри.

Рекреативците, спортистите и велосипедистите не треба да носат заштитна маска оти според надлежните во ваков случај има доволно растојание. Маски не се задолжителни и за членовите на едно домаќинство кои се возат во ист автомобил, но тоа нема да важи и за лицата кои делат едно возило а не живеат на иста адреса. За нив носењето маски е обврска. За непочитување на новите правила, граѓаните ќе бидат казнувани со по 20 евра.

Од денеска забраната за движење ќе трае пократко. Наместо како до сега од 16, ќе почнува во 19 часот и ќе трае до пет часот наутро. Лицата над 67 години ќе може да излегуваат од пат наутро до 12 часот, а младите под 18 години од 13 до 19 часот. Викенд полицискиот час ќе стартува во сабота во 15 часот и ќе трае до понеделник наутро.

Надлежните најавуваат и постепено отворање на угостителските објекти и кафулињата, но тоа ќе се разговара по првомајските празници. Со каква динамика ќе работат за сега не се знае.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста