Катастрофалните аграрни политики на државава, ги сплотија македонските земјоделци во бунтот против нив

Крајот од месецов, односно 30-ти јуни е ултимативниот датум кој што здружените македонски земјоделци од сите гранки, им го дадоа на властите за да ги исполнат нивните барања по однос на, како што велат, катастрофално лошата состојба во која предолго време се наоѓа македонското земјоделие. Недоисплатените субвенции, неисплатените мерки и подмерки, неисплатената ковид-помош, погрешните политики од Владата и тоталниот хаос во земјоделието, чија рентабилност со зголемените производствени трошоци за повеќе од 35 проценти е доведена до самиот раб, се само дел од забелешките на земјоделците, за кои, доколку итно не се решат, тие се закануваат со генерален земјоделски протест.

„Доста ни се лаги, доста ни се манипулирања, доста се вадат институциите со пандемија и Ковид-криза. Ако криза за нив, криза е и за нас и тоа треба да го знаат и тие и да преземат мерки за веднаш исплаќање на сите заостанати субвенции…Мислам дека за околу десетина дена ќе се случат тие протести. Колкави ќе бидат и колкава ќе биде посетеноста, не зависи од нас, ама еве, ние изразивме иницијатива да станеме организатори на едни вакви земјоделски протести“, – вели Игор Мирчески, координатор на 4-те новоформирани тутунски здруженија.

Освен ова, здружените земјодлеци, бараат итно повлекување и на Законот за распродажба на државното земјиште, а додека пак, за зголемувањето на цените на нафтените деривати, тврдат дека директно ќе влијаело врз уништувањето на и онака осиромашениот земјоделец.

На социјалните мрежи пак, земјоделци од сите гранки, се погласно ја изразуваат својата недоверба, но и револтот кон институциите и државата, заради што, се поубедени се дека генералните земјоделски протести можеби ќе бидат и единственото решение за излегувањето од пропаста во која биле втурнати не по своја вина.

Најавените протести на сите земјоделци ќе се организираат на иницијатива на новоформираните тутунски здруженија

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста