Карневалски Прилеп повторно блесна во карневалската атмосфера на „Прочка“

        Со учество на преку 500 маскирани учесници, во повеќе од 15 групни маски, а чиј број на некои од нив изнесува дури и над 50 луѓе, како и со бројни поединечни маски, по двегодишна пандемска пауза, карневалски Прилеп денеска пак блесна во својот, веќе дваесет години препознатлив „прочкарски“ сјај. „Прилепските мечкари“ кои се и основоположници, но и заштитен знак на Карневалот „Прочка“, велат дека добро е што продолжува традицијата.

    Традиционално, Карневалот за отворен го прогласи прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, според кого „Прочка“ во градот под Марковите Кули веќе дваесет години е бренд кој Прилеп го смести на меѓународната карневалска и туристичка мапа.

    „Скромно, но сепак во духот на вековната македонска традиција го одбележуваме овој ден „Прочка“, каде што помалдите се обраќаат до постарите со зборот „Прост ми“, а постариот одговара – „Простено е и од мене и од Бога“. Оваа година, исклучиво учесниците се од Македонија, но се надеваме, по прекинот на здравствените протоколи, в година ќе имаме уште поголема масовност со повеќе учесници и меѓународен карактер“, – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

  Една од поспецифичните маски беше и маската „Свадба без невеста“, во која силниот Крали Марко спасува невеста од „канџите“ на „Црната арапина“.

    „Стара маска одамна, кој ќе мажи или жени во Прилеп, требало да плати арач на Црниот Арап по 300 минца. Е, сега тука имаме ден скрѓав поп кој некчи да плати арач и му дава во натура да им  крсти деца, закопот да биде без пари за Црниот Арап, ама тој нема да се согласи и ја грабнува невестата. И се прави „Свадба без невеста“, а како кум пак канет е Крали Марко кој треба да ја земе невбестата од Црниот Арап“, – ја објасни својата маска, Горан Ржаникоски.

  „Убаво е што се врати оваа традиција. Јас се преправам редовно, а ги „преправам“ и моите деца“ – ни рече еден „пират“

   „Јас се „преправив“ во „Ѓупка“. Оваа маска ми беше замислена уште од минатата година, ама бидејќи лани немаше Карневал, па еве годинава станав „Ѓупка“, – ни изјави млада прилепчанка.

    Дваесеттото, јубелејно издание на Карневалот „Прочка“ завршува до доделувањето на наградите за најуспешните маски кои ги оценува стручно жири. Прилепскиот Карневал е уникатен по тоа што маските треба да бидат рачно изработени и од природни материјали. Годинава гости имаше од Кавадарци, Пробиштип, Злетови, Охрид и Куратица.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста