Карневалски Прилеп по двегодишна пандемска пауза, влезе во 20-тото издание на Карневалот „Прочка 2022“ –

Со денешната, традиционална изложба на маски, изработени од учениците од основните и средните училишта во градот, под менторство на нивните наставници по ликовно образование и одделенска настава, по две години пауза, започна годинашното, јубилејно, 20-то по ред издание на Меѓународниот карневал „Прочка“. Годинашниот Карневал, согласно здравствените прилики, е во помал обем од досегашните, но организаторите тврдат дека тоа нема да влијае на квалитетот на маските кои ќе продефилираат в недела, во центарот на градот.

    „Прилепските мечкари се подготвени да учествуваат на овогодишниот Карневал. Ние ги очекуваме во недела да пристигнат сите гости од Македонија и прилепските, така што мислам дека и оваа година ќе имаме, иако еден помал број на маски, но ќе имаме добар Карневал, бидејќи Прилеп е карневалски град. Покрај маските ќе има и голем број на прилепчани „преправени“, но ќе отсуствуваат тие странски маски“, – рече Ванчо Ѓеорѓиев, престедател на Здружението „Прилепски мечкари“.

   Годинава се очекуваат да продефилираат околу 500 учесници во 15-тина групни маски. Некои од нив бројат и над 50 учесници. Организаторите велат дека, заради двегодишниот прекин, повторно да се организира карневалот било потешко. 

     „Многу тешко, бидејќи голем дел од правачите на маски ја напуштија таа работа, бидејќи им треба подолго време, како барање спонзори, така и изготвувањето на маските. Мислам дека ќе го вратиме сјајот“, – посочи Ѓеорѓев.

   За најуспешно изработена маска ученичка маска од природни материјали, жири-комисијата ја прогласи маската на ученикот Димитар Талески од ОУ „Кирил Методиј“, од село Подмол.

   „Јас ја изработив оваа маска со природни материјали. Ме инспирираше тоа што е плетена, ја изработив со гранки од тажна врба, со плетење и ја работев скоро еден месец“, – изјави Димитар Талески, ушеник од ОУ „Кирил и Методиј“, с. Подмол.

Карневалот ќе се одржи в недела на денот „Велики Поклади – Прочка“, на Градскиот плоштад каде ќе има и богата културно-забавна и музичка програма, со куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции,  како и со концерт на групата ФОЛТИН на централната бина.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста