Карантински центар за високостелни јуници во Логоварди

Првите сто и шеесет високостелни јуници со врвен генетски потенцијал за лактација, што ги набави млекарницата “Би- Милк“ за потребите на своите кооперанти, веќе се сместени во Карантинскиот центар во битолско Логоварди и штом го завршат заштитниот протокол ќе бидат упатени во млекарските фарми.

Тие се само десет проценти од предвдидените грла “холштајн“ и “сименталки“ што кооперантите ги купуваат, а добиваат финансиска поддршка од Министерството за земјоделство преку мерките за рурален развој. Целта е, да се постигне подобар генетски потенцијал кај матичните стада, поголема млекопродукција и квалитет на млекото.

-Преку самата мерка, некаде околу 1. 600 јуници ќе бидат увезени и тоа од германија, Унгарија и чешка, во зависност по избор на самите земјоделци. Буџетот е за повеќе пати зголемен, односно годинава ќе се потрошат 2, 5 милиони евра вложени од Државата преку програмата за рурален развој, а исто толку ќе бидаст вложени од страна на сточарите- рече министерот Трајан Димковски.

При денешната посета на Карантинскиот центар, првите луѓе од ресорот земјоделие, потврдија дека конечно се исплатени сите обврски по однос на субвенции за 2018 година, поради што, во неколку наврати , протестираа пелагониските сточари.
-Вчера исплативме 222 милиони денари и тоа беше последната исплата кон сите оние корисници на финансиска поддршка по програмата за земјоделство, со тоа што, ниту еден кој ги исполнуваше условите не остана без средства- рече Никола Бабовски, директор на Платежната агенција.

Дали овие мерки ќе помогнат за да се произведе поквалитетно млеко и да се постигне повисока откупна цена заради спречување падот на сточарството, останува да се види. Последниве години, од Пелагонија како суровинска база во млечниот бизнис, повеќе илјади грла на добиток заминаа за Албанија, а откупната цена на млекото во просек беше замрзната на само 20 денари.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста