Каракачанов за донацијата на вакцини: Помагаме не на соседи, туку на сонародници

Каракачанов успеа и во најавената бугарска помош во вакцини за Македонија да вмеша политика. Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија во интервју за бугарска телевизија вели не помагале на соседи, туку на сонародници, алудирајќи дека кај нас живеат бугари.

„Тука не станува збор за соседи, туку за сонародници. И не само во Македонија, туку и западните покраини во Украина и Молдавија каде има бугарски заедници. На крајот на краиштата Бугарија е држава на сите Бугари. Ние имаме сонародници кои живеат во државите надвор од ЕУ. Тие се бугарски граѓани. Тие можат и треба да се вакцинираат. Кога ние ги признаваме за Бугари треба да им дадеме можност да им се помогне, се разбира ако сакаат, тоа е доброволно“, рече Каракачанов.

Не заборави да ги спомне и Македонците кои имале бугарски пасоши, не споменувајќи дека можеби истите се извадени заради економски причини. Сепак Каракачанов не престанува со провокациите, вели Бугарија не ставила класично вето туку ќе дале согласност за почеток кога ќе сме се поправеле.

-Ние не наложивме вето, туку кажавме дека ќе дадеме согласност, ќе ги почнете преговорите кога ќе се поправите. Кога ќе се научите како со соседите, особено за кои тврдите дека имате заедничка историја, не може на тој начин. Не може од прв клас да ги подготвите децата со омраза кон Бугарија, рече Каракачанов.

Зборувајќи за македонско-бугарскиот спор, тој кажа дека на крајот на расправата околу националниот идентитет, ќе излезе дека „Исус Христос бил Македонец“.

Ние сме за нив Татари, фашисти и окупатори… Ќе излезе дека Македонците постојат од времето на Апостол Павле, и дури Исус Христос бил Македонец. Само ние Бугарите сме некакво долно племе“, рече Каракачанов.

Пред само неколку дена бугарскиот вицепремиер рече дека секој што прочитал 5 страни историја знаел дека не постои македонски идентитет, одделен од бугарскиот пред 1944 година. На овие провокации Заев истакна дека бил повреден од неговиот како што го нарече пријател Каракачанов.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста