Капиталните инвестиции тапкаат во место, општините се уште се многу задолжени

Во првиот месец од годинава, власта ги сруши негативните рекорди од лани. Реализираше само 1,67% од планираното за изградба на патишта, пруги, болници, училишта за цела година. Капиталните инвестиции тапкаат во место, но властите се радуваат што барем општините колку толку ги намалија долговите. Откако лани добија 50 милиони евра за да ги скратат за половина доспеаните, а неплатени обврски, финансиската состојба им се подобрува. Вкупните нивни долгови сега се сведени на нешто под 50 милиони евра. Сепак на листата повторно предничи општина Охрид со долг од над 7,3 милиони евра, следи општина Тетово со 7,2 милиони и општина Карпош со долг од скоро 5 милиони евра. Законската одредба за ограничување на растот на вкупните приходи, според министерството за финансии овозможило тие подобро да планираат.

Не се само општините. И јавните претпријатија формирани од извршната и локалната власт имаат енормни долгови. Први на листата на најзадолжени се Македонски Железници Транспорт со доспеани, а неплатени обврски од скоро 54 милиони евра. Следуваат охридско-струшкото претпријатие Проаква со долг од 14 милиони и Македонски Железници Инфраструктура со долг од 10,8 милиони евра. Големи долгови имаат и ЈП Колекторски систем Скопје, Национални енергетски ресурси, како и кумановскиот Водовод.

Во меѓувреме, вкупниот јавен долг надмина 5 и пол милијарди евра и достигна скоро 49% од БДП. Во среднорочната фискална стратегија, Владата си овозможи да продолжи со зголемување на јавниот долг кој до крајот на годината може да достигне и 50,4% од БДП.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста