Кандидатот за иден бугарски премиер до Македонија: Браќа, нема насилно да ве притискаме, ама ќе мора сè да прифатите

Со малку помек тон Пламен Николов, можеби идниот премиер на Бугарија, и порача на Македонија, дека ќе мора да ги прифати бугарските уцени и условувања, доколку сака напредок во евроинтеграциите. Кандидатот на Слави Трифонов за предводник на бугарската влада, кажа дека немало на насилен начин да го блокираат европскиот пат на Македонија, но потенцира дека Бугарија ќе остане на своите црвени линии, кога се во прашање националните интереси. А тие црвени линии се да признаеме дека не постоел македонски јазик и идентитет пред 1945-тата година.

-На никаков начин нема да ги притискаме нашите браќа и нема да ги лишуваме од шансата за европска иднина на некаков насилен начин, на начин на кој се однесуваат други балкански држави. Но, тоа не значи дека нема да опстојуваме на своите национални интереси. Како точно ќе биде направено тоа, можеби ќе биде ревизија на самиот договор и преразгледување, изјави Николов.

Од официјална Софија стигна и реакција за изгласаната Резолуција во Собрание, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, за заштита на националните интереси. Од бугарското МНР со жалење констатираат дека овој документ доаѓа во моменти кога дијалогот меѓу Скопје и Софија почнал да преминува во попозитивна и ветувачка фаза.

-За Бугарија е целосно неприфатливо со вакви акти да се мотивира или да се оправдува неисполнувањето на Договорот од 2017-та година, што би било спротивно на принципите на меѓународното право, велат од бугарското МНР.

Премиерот Заев пак не сакаше да одговори што очекува од новата бугарска Влада, само кажа дека би било добро за сите што побрзо истата да се состави, дури и ја покани Бугарија да се придружела во Отворен Балкан.

-Прво посакувам Бугарија стварно да направи Влада, тоа е добро и за Бугарија и за бугарскиот народ, секако и за регионот, добро е и за Македонија. Штом ќе се направи Владата, ние рековме продолжуваме да разговараме се додека не најдеме решение. Па ќе можат и тие да се приклучат доколку сакаат, затоа што ова е Балкан, иако се земја членка на ЕУ, зошто не, изјави Заев.

Инаку, Резолуцијата која за Бугарија сега стана проблем во Собранието беше донесена речиси едногласно, а со неа се утврдуваат црвените во спорот со источниот сосед и формално се бетонираат македонските национални интереси. Од она што е таму запишано нема да смее да отстапи ниту една македонска Влада.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста