Канабисот на Заеви на страниците на „Блумберг“: Трајче, братучедот на премиерот, одби разговор за бизнисот со марихуана

Оранжериите на братучедот на премиерот, односно Трајче Заев се празни, барем вака тврди американски Блумберг. Иако пред околу една година токму овој член на семејството Заев влезе во бизнисот со одгледување на канабис за медицински цели.

Македонија се обидува да се пробие на пазарот за медицинска марихуана, сите во државата сакаат да бидат канабис-земјоделци, но приматот го има семејството на премиерот. Американскиот „Блумберг“ во анализа за канабис-бумот кој се случува кај нас, наведува дека се обиделе да стапат во контакт со Трајче Заев, за да го прашаат што се случува со неговиот огромен објект за култивирање кај Свети Николе, во кој нема канабис.

„Еден од братучедите на премиерот, Трајче Заев, формираше објект за култивирање на 22.000 квадратни метри во близина на градот Свети Николе. Минатиот месец во широката необележана стаклена градина, опкружена со боцкава жица и патролирана од четворица безбедносни чувари, немаше канабис. Трајче Заев одби да разговара за својот бизнис кога Блумберг го контактирал преку телефон и имејл“ – стои во анализата на Блумберг.

Алфа исто така се обиде да стапи во контакт си Трајче Заев но и ние не успеавме да добиеме повратен одговор дали бил посаден канабисот, дали можеби е украден или продаден и зошто е празна неговата оранжерија, која според признанието лично на премиерот била купена за 10 милиони евра и во која веднаш биле вработени околу 30 граѓани на Свети Николе.

Самиот братучед, лани во месец мај истакна дека првата берба на цвет од канабис се планира кон крајот на јуни, но иако оттогаш има поминато цела година, се уште нема информации до каде е производството на канабис во неговата оранжерија.Што и како се случува со канабисот во Македонија и дали има добиено дополнителни лиценци освен оние осум кој беа јавно прикажани засега не се знае, а нема ни јасни инфомации кој и како го регулира пазарот на канабисот за медицински цели.

Сторијата на Блумберг доаѓа кратко по контроверзната средба на премиерот Заев со самонаречениот крал на канабисот Биг Мајк, која од Владата практично беше скриена, но самиот бизнисмен и тоа како ја потенцираше во јавноста објавувајќи видео и фото материјали. Биг Мајк тогаш најави дека ќе ја спасел Македонија претворајќи ја во рај за канабис и ќе обезбедел најмалку 40 илјади работни места откако марихуаната ќе биде легализирана и ќе се обезбеди јасен пат до европскиот пазар, за што впрочем разговарал со премиерот. Биг Мајк повеќе од една деценија има живеено во бегство со 7 лажни идентитети, а на социјалните мрежи денес активно пропагира многу повеќе од медицинска употреба на канабисот.

Во анализата на „Блумберг“ пак, се потенцира дека Македонија е земја во која покрај канабисот цвета и корупцијата, односно дека сме на 93-то место во Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнел, на ниво со Косово, Панама и Монголија.

Се додава и дека Балканскиот регион веќе е транзитна рута за нелегални дроги и постои реална опасност дека македонската марихуана може да заврши на црниот пазар, особено без правна рамка за оваа индустрија во развој, а во една од најсиромашните држави во Европа.

Meри Ѓорѓиевска