Кампањата за локалните избори која започна вчера полека зема залет

Кампањата за локалните избори почна. За ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, традиционално од Охрид, за СДСМ карванот тргна од Битола.
По мотото „Создади нова иднина“, лидерот за ВМРО ДПМНЕ вети реални решенија на локалните проблеми на граѓаните и 14.835 проекти. Приоритет ќе биде гасификацијата, а гарантираат и изградба на 2000 улици низ цела Македонија, рекунсктрукција на 100 градинки, како и на 150 учлилишта.

„Ветуваме изградба и реконструкција на 2000 улици низ цела држава, градба и реконструкција на 100 градинки и 150 училишта, инвестиции во животната средина и градба на 150 нови паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите, гасификација за понапредни општини и многу други конкретни дела“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

СДСМ под слоганот „Најдоброто за мојата општина“ вети спроведување на Зелената агенда, еколошки јавен градски превоз и изградба на модерни депонии.

„Ќе продолжи распределбата на субвенциите за инвертери за греење и енергетско ефикасни фасади, како и поставувањето фотоволтаици на покривите на јавните објекти; ќе започне изградбата на модерни депонии коишто отпадот ќе го преработуваат во енергија, со што трајно ќе се решат децениските проблеми на депонии и незаконско расфрлување ѓубре и смет“ рече претседателот на партијата, Зоран Заев.

Експертите пак сметаат дека и покрај сите најави за позитивна кампања, препукувањата нема да изостанат. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Алфа посочи дека очекува кампањата да биде зачинета со негативни тонови.

„Двете најголеми македонски партии па сега и двата најголеми албанска блока се во ситуација на високи тензии, па така што не очекувам кампањата да помине во целосно позитивна атмосфера. Што се однесува до подкупот или некакви изборни манипулации, тоа е работа на надлежните органи. Малку е подобрена ситуацијата во последно време по тоа во Македонија, но сепак таа ситуација треба да се следи особено во помалите места“, смета Арсовски.

301 кандидат ќе се борат за општинската фотелја, а 10.600 кандидати ќе се тркаат за советничко столче. Кампањата пред првиот изборен круг треба да заврши на 15 октомври, кога на полноќ почнува изборниот молк, додека вториот круг за кандидатите за градоначалници ќе се одржи на 31 октомври, во општините каде што ќе нема победник по првиот круг.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста