Кампањата против пожари треба да подразбира и системски решенија

Летниот период кога опасноста од пожари на отворен простор е најголема, не е доволно овој безбедносен проблем да се превенира само со кампања и делење на брошури. Акцијата што ја започна Дирекцијата за заштита и спасување е за поздравување, меѓутоа треба да подразбира и повеќе системски решенија- од регулатива со дефинирана надлежност на инволвираните субјекти, преку примена на искуства од европските држави, но и отстранување на дефицитите во опрема и професионлни извршители. Ова, меѓу другото, го посочуваат експертите во оваа област.

– Главните протагонисти на превенцијата во една Хрватска, Словенија, па и Србија се доброволните пртотивпожарни друштва. Ние, зажал, ги маргинлизиравме и сега институциите ќе вршат превенција. ОК, тоа е за поздравување, меѓутоа тоа не е тоа, бидејќи со младата екипираност на младата популација може да се опфати далеку поголем бројка на млади деца кои што можат да го дадат очекуваниот резултат – рече М-р Коста Поповски, командир на ТППЕ во Битола и експерт против пожари.

Искуствата од националниот парк “Пелистер“ како строго заштитена зона со закон, покажуваат дека човечкиот фактор е еден од главните причинители за пожари. Од таму потсетуваат, дека во два наврата опасни пожари направија огромни штети. Пред две години, во строго заштитената зона изгореа 10 ха со тревни заедници кои се со огромно значење според Европските директиви, а вториот пат во 2011 година изгореа стотина ха со млада моликова шума. Досега, виновниците не се откриени или санкционирани.

– Најчесто е човечкиот фактор и тоа, можеби луѓе од ментални или други побуди постапуваат приомански, особено во денови кога има многу силен ветер. Имаше случаи да е откривано, но не знам од кои причини и како тоа не заврши со судски епилог, онака како што би требало да биде опомена за месното население – рече Пеце Цветановски, раководител во НП “Пелистер“.

Пролетоска, најчесто овчарите за создавање зелени површини или овоштарите при кастрење на овоштарниците и потпалување на непотребната вегетација, речиси цела држава ја ставија во пламен. И покрај законската регулатива, неодговорните навики, а можеби и намери, не ги спречија масовните пожари. За жал, малку мина беа повикани на одговорност, а лошите статистики со возен парк на противпожарни возила стари по 30 години и дефицит од најмалку 700 професионални пожарникари, покажаа дека надлежните не водат грижа за овој безбедносен проблем, што ќе рече, дека оваа кампања за превенција е само капка во океанот на проблеми.

Петар Стефановски