Кампањата на Трамп го прилагоди пристапот во соочувањето со потпретседателката Камала Харис

Кампањата на Трамп го прилагоди пристапот во соочувањето со потпретседателката Камала Харис

Републиканците на минатонеделната национална конвенција беа свесни за зголемениот притисок врз Џо Бајден од неговата партија да се повлече. Кога се случи тоа, тие беа подготвени.

Во рекламата се обвинуваат Бајден и потпретседателката Камала Харис за напливот на илегална имиграција.

Во нејзиниот прв предизборен настан како веројатен претседателски кандидат на демократите, Харис беше подготвена со контранапад, потсетувајќи ги гласачите на нејзината работа како судски но, и јавен обвинител.

„И како судијка гледав насилници од секаков вид. Предатори кои злоупотребуваа жени, измамници кои ги ограбуваа потрошувачите, измамници кои ги прекршуваа правилата во своја корист. Затоа, слушнете ме кога велам, го знам типот на луѓе како Доналд Трамп“, вели Харис.

Харис ја ресетира трката што ја водеше поранешниот претседател Доналд Трамп, вели експертот за владини студии на институцијата Брукингс, Дарел Вест.

„Таа ќе биде многу конкурентна во оние клучни држави од средниот запад, Пенсилванија, Мичиген и Висконсин. И мислам дека таа, исто така, ќе ги врати гласачите од другите држави кои веќе почнаа да се оддалечуваат, места како Аризона, назад во многу посилна борба за демократите“, вели Вест.

За републиканскиот кандидат Трамп, новиот политички предизвикувач значи и нов прекар како потсмев.

„Ја викам Камала која се смее. Дали некогаш сте ја гледале како се смее? Таа е луда. Знаете, може да се забележи по смеењето. Таа е луда“, вели Трамп.

Тоа е кампања во која се верува дека ќе го победи кој било демократ, вели Меена Босе од Универзитетот Хофстра.

„Јасно е дека поранешниот претседател Трамп и неговиот изборен штаб мислеа дека претседателот Бајден е кандидат кој може да се победи. Се чини дека ги имаат истите ставови и за потпретседателката Харис“, вели Босе.

Промената ќе значи одредени прилагодувања за републиканците, вели Вест.

„Тие само ќе треба да ја преработат целта на нивната кампања, во која се велеше дека Џо Бајден е премногу стар, тој не може да ја заврши работата, неговото семејство е корумпирано – сето тоа исчезнува сега. Но, сигурен сум дека брзо ќе тргнат во напад. Тие ќе стават акцент на тоа дека таа излезе од Калифорнија, држава која е полиберална од остатокот од земјата“, вели Вест.

Потпретседателот на Трамп Џеј Ди Венс го презеде тој напад, обвинувајќи ја потпретседателката Харис за лошиот настап на Бајден.

„Нашата земја три и пол години беше опседната со претседател кој не може да си ја заврши работата и сето тоа е затоа што Камала Харис и останатите демократи лажеа за неговата способност да биде наш претседател“, вели Венс.

Харис вели дека гласачите имаат јасен избор помеѓу нејзината визија и визијата на Трамп.

„Дали сакаме да живееме во земја на слобода, сочувство и владеење на правото? Или земја на хаос, страв и омраза? И тука е убавината на овој момент. Секој од нас има моќ да одговори на тоа прашање. Моќта е во народот“, вели Харис.

Првичните политички анкети по повлекувањето на Бајден покажуваат дека Харис го намалува јазот во однос со Трамп.

Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, Харис води пред Трамп со 44 отсто спрема 42. Тоа се споредува со дефицитот од два поени кој го имаше Бајден против Трамп во минатонеделната анкета пред неговото напуштање од трката за претседател на САД.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста