Кампањата на Бајден во сенка на гневните демонстранти поради конфликтот Израел-Хамас

Кампањата на Бајден во сенка на гневните демонстранти поради конфликтот Израел-Хамас

Конфликтот во Газа може да влијае врз американските гласачи, особено околу кандидатурата за реизбор на претседателот Џо Бајден.

Наместо да биде митинг за правата на абортусот, поголемиот дел од говорот на Бајден беше прекинат од демонстранти лути поради поддршката на Бајден за израелската воена кампања, што очигледно го фрустрира претседателот.

  • „Ова ќе продолжи уште некое време“, рече Бајден.

Тој протест беше организиран од Дај-Ин-Фор-Хјуманити, група составена од 700 члена, со одржани 100 протести на настаните на Бајден, пред Конгресот на САД, како и на овој јануарски протест.

  • „Гледаме промена на бранот во САД за целосно отфрлање, во суштина, на Бајден. Она што сакам да го кажам, е дека нема да го добие гласот од арапско – американската заедница кога постојано продолжувате да ги игнорирате гласовите на арапско – американската заедница која вели стоп за неправдата и злосторствата во Газа“, рече Хазами Бармада од Дај-Ин-Фор-Хјуманити.

Белата куќа соопшти дека претседателот ги поддржува мирните протести.

  • „Бајден исто така верува дека е навистина важно Израел да има право и способност да продолжи да се брани, од тоа што е очигледно, сè уште остварлива закана од Хамас. Но, тоа не значи дека ќе престанеме да бараме посилен фокус од нашите израелски колеги за минимизирање на цивилните жртви и за добивање помош“, рече Џон Кирби од Советот за национална безбедност во Белата куќа.

Политичките аналитичари велат дека Бајден е во тешка позиција.

  • „Нема сомнеж дека ситуацијата во Газа е политички проблем за Бајден. Ако се повлечете и погледнете објективно, Бајден вешто се справува со ова прашање, исто како што би можел и секој претседател. Тој рано сфати дека со гушкањето со Нетанјаху, може да спречи некои од најлошите работи да се случат во Газа. Но, тој сега е многу поблиску да го турне Нетанјаху настрана. Тоа значи дека првичниот потег, со кој многу гласачи се оддалечија – не само арапски американски гласачи, туку и млади прогресивци – всушност може да биде полошо за него, бидејќи ако тој го отфрли Нетанјаху, тогаш, пак, некои од неговите најсилни поддржувачите, про-израелските поддржувачи, исто така може да бидат несреќни“, вели Норм Орнштајн од Американскиот институт за претпријатија.

Надворешната политика, велат аналитичарите, ретко може да влијае на изборите, но може да направи разлика кога конкуренцијата е тесна. Овој неопределен гласач во Њу Хемпшир, кој учествуваше на прелиминарното гласање што Бајден и републиканскиот кандидат Доналд Трамп го добија за нивните партии, рече дека неговата одлука се сведува на една работа.

  • „Најголемата работа за која гласам оваа изборна сезона е надворешната политика. Навистина ми е важно да останеме настрана од какви било странски војни и да ги намалиме нашите воени трошоци и да ги вратиме нашите војници дома или да ги задржиме дома“, вели Исак Гир од Њу Хемпшир.

Планот на Трамп за решавање на кризата во Газа е нејасен, а неговите претходни активности како претседател ја вклучуваа многу критикуваната „забрана“ за муслимански имигранти. Гласот на Америка неколку пати побара одговор од одборот за кампања на Трамп, но безуспешно.

За муслиманите активисти, тоа е остар избор.

  • „Г. Трамп ги спречи нашите пријатели, колеги и семејството да влезат во земјата. Но господинот Бајден ги уби. Четири години под кое било републиканско раководство е неспоредливо со еден ден во Газа, кога се појави аргумент во нашите заедници, дека треба да се жртвуваме“, рече Хасан Абдел Салам од движењето „Да го напуштиме Бајден“.

Најголемиот број американски држави одржуваат прелиминарни избори или пратенички групи во ист ден – во вторник. Таканаречениот Супер вторник оваа година се паѓа на 5 март каде ќе гласаат 15 сојузни држави.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста