Кампања за изборите зема залет, партиите ќе почекаат со објавување на имиња

Датум за кога точно ќе се одржат локланите избори се уште нема, но политичките партии на големо се спремаат за истите. Иако официјално кампањата за изборите не е започната, сепак најголемите политички партии веќе наговестуваат кога би се знаеле дел од имињата на кандидатите за градоначалници.

Премиерот Заев во својство на лидер на социјал-демократите, кажа дека голем дел од имињата ќе се знаеле кон средина на летово.

По нашиот правилник и роковник, одлуките ги носиме на крајот на август, затоа што во прва половина на септември се доставуваат листите до ДИК, но ако донесеме и претходно одлуки кои ќе значат завршени истражувања и анализи нема што да чекаме, ќе ги објавиме да знаат граѓаните и да имаат доволно време да направат внимателна анализа за какви личности се работи и преку тоа да оформат став за нивното одлучување. Значи, генерално крајот на август, но не исклучувам можност во текот на јули да објавиме неколку кандидати каде што веќе анализите ќе бидат завршени“, рече Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат, се во период на правење анализи за кандидати за градоначалници кои на изборите ќе извојуваат победи врз криминалот и неработливоста на кандидатите на СДСМ, посочуваат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ е во фаза на анализи и мерења на потенцијалните кандидати, за потоа партиските тела да можат да ги изберат најдобрите. Кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ ке бидат чесни,вредни и почитувани луѓе во својата средина,кои својата работа ќе ја базираат на визија,чесности и работливост– велат од партијата.

Албанскиот опозициски блок веќе има одбрани тројца кандидати. Од партијата на Села велат дека за Гостивар, Врапчиште и Боговиње веќе партијата има одлука.

За другите општини се прават анализи,испитувања и разговори со паотенцијални кандидати. Не се брзаме, целта ни е да ги избереме најдобрите меѓу подобрите кои не само што ќе победат на избори туку  и ќе работат за да ги извлечат општините од ситуацијата во која ги донеле градоначалниците од коалицијата СДСМ-ДУИ– велат од Алијанса на Албанците.

Од партијата на Али Ахмети, засега нема најава кога ќе соопшатат барем дел од нивните кандидати, единствено познато е дека Еркан Арифи кој моментално е градоначалник на Арачиново, повторно ќе биде кандидат на ДУИ за да ги продолжи градоначалничкиот мандат.

Се очекува деновиве пред летните одмори, пратениците во законодавниот дома да го утврдат терминот за кога ќе се бираат градоначалници, а истото треба да го сторат и во  ДИК согласно изборниот законик. Неофицијално за одржување на локални избори во игра се трите последни викенди во октомври.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста