Камионџиите на протест, бараат прогресивен данок наместо зголемена акциза на горивата

Колона од камиони, автобуси и комбиња, сирени и метеж. На овој начин протестираа превозниците и го изразија своето незадоволство од уредбата на Владата за покачување на акцизата на гориавата за 3 денари.  Тие бараат да се укине Уредбата за зголемување на акцизата на горивата за три денари и да се воведе прогресивен данок на доход.

Протестираме за покачената акциза и бараме да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности – изјави Биљана Муратовска – претседател на Макам – Транс.

Почетната точка на протестот беше клучката Хиподром за влез во Скопје, а при движењето низ центарот на градот застанаа пред зградите на Владата и Собранието, каде ги вклучија своите сирени да испратат порака на незадоволство спрема антикризните мерки.  Тие сметаат дека со покачувањето на акцизата драстично ќе пораснат нивните трошоци, во услови кога и така обемот на работа е многу намален и повеќето камиони всушност стојат на паркинзи празни.

Ова е прв поголем протест во Македонија откако започна епидемијата и беше прогласена вонредната состојба. Затоа камионџите се решија протестот да се одвива на ваков начин, и никој од шоферите не излезе или го напушти својот камион.. . Се движеа по една коловозна лента и со тоа се избегна застојот  на сообраќајот.

Реакцијата на Владата за протестот беше дека имаме најниски цени на нафтените деривати во регионот и најниска цена во изминатите 10 години,  а промената на цената на акцизата нема да има никаков негативен ефект врз транспортната дејност.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста