Камчев останува во Шутка и покрај влошената здравствена состојба- се врши ли репресија и тортура врз бизнисменот?

Ниту влошената здравствена состојба поради престојот во Шутка, ниту понудената гаранција од речиси пет милиони, не беше доволна да се прекине репресијата врз бизнисменот Јордан Камчев, реагира неговиот адвокатски тим. Она што боде очи во овој случај, е што и покрај позитивната оценка од Вишото јавно обвинителство, Апелација не го пушти во куќен притвор, па тој останува во Шутка.

Одбраната на Камчев вели било земено во предвид дека се работи за бизнисмен кој има повеќе од 2.500 вработени и кој пред да влезе во Шутка, секогаш уредно соработувал со сите органи на прогонот и судот. Одбраната потенцира дека поради престојот во Шутка здравствената состојба на Камчев секојдневно се влошува, бидејќи не постојат соодветни медицински и санитарни услови за третирање на конкретната здравствена состојба.

-Пред само неколку денови, Камчев пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје. Камчев има фамилијарен историјат на кардиоваскуларни заболувања, самиот тој за истата здравствена проблематика практикува терапија од својата 15 годишна возраст. По неговото последно влошување на состојбата додека ја издржува мерката притвор и неговата хоспитализација на Клиниката за кардиологија, со оглед на ситуацијата, постои голема загриженост за сериозен ризик по неговото здравје, се вели во соопштението на адвокатискиот тим на Камчев. 

Од одбраната потенцираат дека според досегашна пракса на кривични постапки судот секогаш ги засновал своите одлуки за мерките како притворот, врз основа на предлозите на Обвинителството. Сметаат дека поради ова е целосно небулозно ваквото постапување на судот, со што се отвора и прашањето за неговата независност и непристрасност во случајот со Камчев.

-Во ситуација кога подносителот на обвинението, односно јавното обвинителство, кое ја отпочнало самата кривична постапка и истата ја довело до судска постапка, смета дека повеќе не постојат причини и потреба да му бидат строго ограничени слободите и правата на обвинетиот, судот не би смеел да ја оценува волјата и ставот на јавното обвинителство и да одлучи единствено на штета на обвинетиот, се вели во соопштението на адвокатискиот тим на Камчев.

Одбраната на Камчев која е составена од адвокатска канцеларија Савиќ, адвокатска канцеларија Гоце Ристески, адвокатско друштво Наумов Менкиноски и партнери и адвокатска канцеларија Еленко Миланов, сметаат дека врз бизнисменот се врши и класична тортура, која е потврдена и од народниот правобранител.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста