Камчев и Дика сведочеа за случајот „Меѓународен сојуз“

Претседателката на Собранието на „Меѓународниот сојуз“, Агапи Дика  пред судот како сведок во предметот против Бојан Јовановски, неговиот татко, Кристина Блажевска, Фросина Ременски и Јасна Мандиќ одговараше на прашања од обвинителството и одбраната. Агапи на прашање на Боки 13, кажа дека заедно со него биле на средби со премиерот Заев и министерот Спасовски, а се зборувало дека претседателот на „Меѓународниот сојуз“ се среќавал и со тогашната министерка за труд и социјала Царовска. 

БОКИ 13: „Ќе се согласите ли дека добивме поддршка од премиерот Зоран Заев? Ќе се согласите ли дека имавме презентација на акцискиот план кој требаше да се усвои на првото собрание?“ – беа дел од прашањата на Боки до Дика.

АГАПИ ДИКА:„Па, бевме кратко, 15-ина минути. Не можам да се сетам, многу кратко беше, влеговме и излеговме“,  рече таа и потврди дека биле на средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за да се оствари соработка.

Како втор сведок, од притвор беше спроведен Јордан Камчев, кој првично од судот бараше да биде изземен од сведок бидејќи нема да сведочи во корист на обвинителството. Откако судот не прифати, бизнисменот одговараше на прашања и на обвинителството и на одбраната. Кога обвинителката му постави прашање кога дознал за „Меѓународен сојуз“, тој кажа дека во обвинението фалат Зоран Милевски-Кичевскиот, Катица Јанева и нејзиниот син. Тврди дека преку нив му било понудено да финансира два проекта, еден за мол за светски брендови, другиот за старечки домови за лица носени од странство во Македонија.

Првиот не го прифатив бидејќи мислев дека нема економска логика. Вториот предлог за старечки дом исто го одбив. Ми беше кажано дека од ова има интерес синот на Катица Јанева и од тогаш почна тортурата врз мене – рече Камчев.

Камчев тврди дека Бојан јовановски му понудил и да инвестира на локаци во Струга и Охрид за старечки домови, односно дека за ова инвестиција ќе добие 20 проценти субвенци од државата.

Меѓудругото бизнисменот пред судот кажа дека на сметка на 1ТВ платил 300 илјади евра, за два договори. Овие средства Камчев, рече дека ги уплатил како рекет.

Одбраната остана на ставот дека е недозволено и невообичаено  да се повикува сведок, кој во старт ви кажува дека не е кредибилен.

„Прво имате една невообичаена ситуација и предлагате сведок кој не е сослушан во истрагата. Зборувам за Обвинителството, користите исказ кој е даден во друг предмет кој нема врска со овој. Како капак на се’, ви кажува сведокот дека не е кредибилен. Неколку пати сам кажува и вие со неверојатна упорност се обидувате повторно да го сослушувате.“, истакна адвокатот.

Судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ продолжува на 24 -ти март.

Викторија Миткова