Камбовски: Држава во која не се признаваат научните резултати, нема сјајна перспектива

Држава која не оддава признание на науката нема перспектива, вака академик Владо Камбовски ја коментира одлуката на Владата две години по ред да го одложува доделувањето на државната награда за наука Гоце Делчев. Кои и да се причините за згаснувањето на наградата се потполно неоправдани, вели професорот Камбовски кој своевремено беше и последниот претседател на Одборот за доделување на оваа државна награда.

„Држава која не вложува во наука и не дава признание за науката, нема некоја светла перспектива. И за образованието е исто. Апелирам веднаш да се формира Одборот и да се распише конкурсот“, вели акедемик Камбовски.

Според Камбовски, наградата не само што мора да продолжи да се доделува секој 4 мај, на денот на раѓањето на Делчев, туку смета дека треба да се зголеми фондот на награди за да може поголем број научници да добијат признание за својата работа.

„Научниците треба да бидат наградени за нивната работа. Ттреба да се зголеми и фондот за награди, за поголем број научници да добијат вакво признание“, додава тој.

Ова е трета година по ред, власта да објаснува зошто нема да се додели државната награда Гоце Делчев. Доделувањето прв пат беше откажано пред две години, со образложение оти се доцнело со роковите. Минатата година, пак наградата не се додели поради недостиг на финансиски средства. Од Владата, годинава со ново оправдување – истечен бил мандатот на членовите на Комисијата која го распишува конкурсот.

На ова дел од стручната фела алармираше оти власта ја откажува наградата Гоце Делчев за да им удоволи на источните соседи кои ја спорат историската припадност на Делчев. Од Владата пак се правдаат дека Договорот со Бугарија не влијаел на доделувањето на наградата.

Последниве неколку години не се додели ниту традиционалната државна награда за публицистика и новинарство, Мито Хаџивасилев Јасмин. Затоа пак во мај 2018 година, Собранието востанови нова државна награда 22 Ноември – денот на албанската азбука.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста