Каква ќе биде сликата на изборите на 15 јули?

Како ќе се одвиваат парламентарните избори на 15 јули?  Дали членовите на избирачките одбори и набљудувачите ќе носат скафандери, и кој ќе биде условот за граѓаните да влезат во избирачките места кои се со мала квадратура и е скоро невозможно да се одржува дистанца. Низа прашања на кои Власта и ДИК немаат одговор се уште, чекајќи го протоколот по кој ќе се водат изборите.

Редици од гласачи со маски и ракавици, со растојание од два метри ќе чекаат да го изразат својот став но што после влегувањето во просторијата? Доколку граѓаните носат маски, нема да биде возможно да се идентификуваат па така ќе мора да ја симнат маската што влегуваат во опасност да се заразат или да заразат некој од членовите или набљудувачите, како и да ја прекршат уредбата за носење заштитни маски во затворена просторија. Личните карти и опремата за гласање ќе треба да се дезинфицираат пред и после секој контакт со луѓето. Но како ќе се дезинфицираат гласачките ливчиња и кутиите останува дилема.

Избирачкиот одбор брои  минимум пет лица, а во просторијата во зависност од гласачкото место има и неколку набљудувачи, што значи дека тешко ќе може да се одржува растојание. Ако членовите и набљудувачите треба да носат скафандери истите треба да се набават навремено. Во државава има 3480 гласачки места, на секое место по пет лица во одборот. Потребни ќе бидат минимум  17 400 скафандери и уште толку пара ракавици, заштитни маски и визири или очила.

Од друга страна, со влегувањето на гласачите еден по еден, процесот ќе биде најмалку двојно побавен. Ако на еден граѓанин му беше потребна една и пол минува од влезот до пуштањето на гласачкото ливче во кутија, овој пат време ќе одземе отежнатото идентификување поради заштитната опрема, како и дезинфекцијата која ќе треба да се прави помеѓу секој гласач. Ова најмногу ќе го отежне гласањето во големите гласачки места, каде има и над 1100 гласачи. Односно, ако на едно гласачко за 12 часа можеле да гласаат 480 избирачи, сега би гласале до 240.

Со оглед на тоа дека луѓето со хронични болести како и ковид дијагностицираните ќе гласаат во друг ден, членовите на избирачката комисија ќе испратат избирачки материјал на Инфективната клиника, оние што  ќе гласаат  во домашни услови ќе мора да ги посетат со скафандери и друга заштитна опрема.

Целиот процес ќе биде доста тежок оти носи една до сега непозната ситуација, а протоколот од страна на Комисија за заразни болести се уште не е изготвен. Тука се појавува и дилемата дали за еден месец од сега може да се организираат сите овие работи да се заштити здравјето на граѓаните.

Адријана Алексиеска

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста