Како успеале да поминат скандалозните набавки- имала ли Владата контрола или Рашковски соработници?!

Ред се редат скандалите кои се поврзани со екс генералниот секретар Рашковски. Станува збор за уште една афера која ја обелоденија медиумите. Порталот 360 степени открива дека Рашковски додека бил на функција купил уште еден патент, кој никој не го користи, а е платен околу 100 илјади евра државни пари.

Ова е втор скандал каде се купуваат системи од страна на Рашковски како генерален секретар, а никој не ги користи. Прво беше системот за сообраќајни прекршоци за кој тој е во притвор, а сега и систем за кабини за гласање за кој тој има сличен патент.

Системот за гласање е платен 100 илјади евра, овде се наметнува прашањето кој контролира каде и како се трошат парите од страна на функцијата генерален секретар?

Дали некој има увид во трошењето на парите, како и за што користат? Како е возможно Владата да не знаела за овие скандалозни  набавки? Дали Драги Рашковски имал соработници во Владата, со кои заедно ги диригирале набавките?

Ги прашавме во Владата, но не добивме конкретен одговор. Само правдање дека рабореле по професионални и законски постапки.

Генералниот секретар, како и другите функционери, подлежи на Законот за влада. Согласно тоа постојат механизми кои го контролираат неговото работење и не може да излезе надвор од Законот.

Ви укажуваме дека надлежните институции имаат покрената постапка и ќе го имаат конечниот збор-велат од Владата.

Го прашавме и сегашниот генерален секретар Зекири кој го контролира трошењето на парите на функцијата генерален секретар, но одговор не добивме.

На 7 мај шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал најави дека истрагата против екс владиниот Генерален секретар, Драги Рашковски, најверојатно, ќе се прошири. Но не кажа дали ќе се прошири и на луѓе во Владата, кои не успеале да детектираат дека Рашковски ги купува неговите патенти. Не објасни ниту дали имал помагачи, кои заедно со него свесно го кршеле законот за некаква лична корист.

Името на Рашковски е актуелно во последниов период, скандалите поврзани со него започнаа со набавката на систем за М НАВ, потоа во време на корона замина за Мексико, потоа се побелодени купувањето на огромно земјиште во скопско Побожје за луксузна викендица, која од плата не може да се купи, но и аферата за софтверот за сообраќајни прекршоци кои МВР не го користи, а Рашковски имал патентирано сличен таков систем. Последниот скандал е со систем за кабини за гласање кој тој го патентирал во 2013 година.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста