Како учениците ќе ја завршат годината?

Кризни времиња за македонското образование. Надлежните веќе две недели не можат да најдат концепт како да ја реализираат наставната програма. Учениците пак пред дилема, дали сите ќе ја минат учебната година или пак можеби сите ќе повторуваат? Засега надлежните најдоа начин како да ги анимираат основците. Пред два дена стартуваше проектот „ТВ училница“, но тој не е концепт на класично учење на градивото, туку можност само делумно да се надомести за изгубените воспитно – образовни училишни часови.

Решение нема ни за средношколците, ни за студентите. Тие деновиве буквално уживаат во „летен распуст“. МОН дури денес апелираше до универзитетите од понеделник да воведеле онлајн настава. Познавачите алармираат, процесот за интернет едукација веќе доцни.

„Да се формира кризна група која ќе треба да пристапи кон оспособување на професорите на УКИМ за онлајн настава. Иако најголем дел од професорите не се подготвени“, вели универзитетскиот професор Илија Ацески.

Онлајн наставата пак ја отвора дилемата, дали во земја каде две третини од населението живее во сиромаштија, секое семејство има услови да им обезбеди на своите деца компјутер и интернет конекција? И дали оние што немаат услови за домашна едукација ќе ја загубат годината? Дополнително, на располагање на учениците треба да им биде целокупниот воспитно – образовен кадар, велат познавачите.

„Професорите мора да ги постираат своите силабуси за предметите, предавања, трудови, литературата што ја имаат и да почне таа комуникација. Проблемот е како да се предочи таа материја која мора да се совлада, да биде достапна до студентот и тие да почуваствуваат дека не се оставени сами на себе“, додава тој.

И додека министерството бара начин, Штипскиот универзитет веќе направи платформа и воведе онлајн предавања. Таму наставата се одвива преку две платформи, и тоа е-учење каде веќе се поставени сите материјали потребни за учење и „Мајкрософт тимс“ за директната комуникација со студентите.

Инаку, во Албанија веќе е отворен „Јутјуб“ канал, на кој секојдневно се емитуваат предавања од страна на наставници по различни предмети, а учениците ги следат во живо. И во Хрватска, голем број предавања се одвиваат онлајн, а другиот дел преку националната телевизија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста