Како пропадна Еуростандард и зошто досега се молчеше?

Откако и беше одземена дозволата за работа на Еуростандард банката, сопственикот на Еуростандард обвинува за двојна игра на Народна банка. Бизнисменот Трифун Костовски за утре најави повеќе детали, но не пропушти да спомене дека ако Народна банка сакала да ги затвори, тоа требало да го направи уште пред една година. Наместо тоа, поставила толку строги критериуми и мерки за работа, што Еуростандард не можела нормално да работи, за да заработи пари и да ја надмине тешката финансиска ситуација. Поради тоа не можеле да ја извлечат банката од калта и уште дозаглавиле за 15 милиони евра.

„НБМ не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката“ – вели Костовски.

Вчера, гувернерката тврдеше дека на Еуростандард банка морала да се докапитализира, што делумно и било направено, но недоволно за да се надминат ризиците во работењето. Едноставно, банката давала кредити кои не можела да ги наплати. Не ги исполнила минималните услови за работа, па клучот на врата бил неизбежен.

Инаку, Еуростандард банка има право да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 30 дена, доколку е незадоволна од решението на Народна банка која и ја укина дозволата за работа. Тоа најверојатно и ќе биде направено, бидејќи Костовски веќе негодуваше поради одлуката на Народна банка.

Инаку, јавна тајна беше дека банката има лоши пласмани и дека „плива“ во проблеми, но секогаш опстојуваше. Лани имаше разговори банката да се продаде на Комерцијална банка, но преговорите пропаднаа. Еуростандард се докапитализираше со пари од семејните фирми на Костовски. Во април годинава , беше продадена и осигурителната компанија Еуролинк на ќерката на Костовски на Граве осигурување за 17 и пол милиони евра.

Една од конкурентските предности на Еуростандард во однос на другите банки беше 20-годишниот договор со Македонски пошти, со што вкупниот број на заеднички експозитури изнесуваше 330.

Банката постоеше 19 години, а во 2014-та ја купи целосно Поштенска банка.

Ова не е прва банка со клуч на врата во Македонија. Во 2004-та и беше одземена дозволата на банката Експорт-импорт, три години подоцна беше ликвидирана Македонска Банка. Претходно, во 1997-та, илјадници штедачи останаа со празни раце по пропаѓањето на штедилницата ТАТ.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста