Како пресудата против Трамп може да влијае на изборите?

Како пресудата против Трамп може да влијае на изборите?

Виновен по сите 34 точки од обвинението. Така одлучи едногласно поротата во Њујорк по помалку од два дена размислување – дека Доналд Трамп, првиот американски претседател суден пред кривичен суд, фалсификувал деловни досиеја за да ги потисне потенцијално штетните информации пред неговите избори во 2016 година.

Откако ја слушна пресудата, републиканскиот претседателски кандидат за 2024 година ја напушти судската зграда, велејќи дека гласачите ќе одлучат за неговата судбина на денот на изборите.

„Ова беше наместено, срамно судење. Вистинската пресуда ќе биде на 5-ти ноември од народот“, рече Трамп.

Но, дали и самиот Трамп ќе може да гласа за себе, вели професорката од Универзитетот во Вирџинија, Барбара Пери.

„Тоа би било случај ако тој го задржи својот престој во Флорида, држава во која на осудените престапници не им е дозволено да гласаат, тој буквално не би смеел да гласа за себе“, рече таа.

Од кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден објавија изјава во која се вели: „Денес во Њујорк видовме дека никој не е над законот“.

Поранешниот федерален обвинител и професор на Правниот факултет во Њујорк, Стив Коен, не беше изненаден од пресудата.

„Правната реалност е или верувате во системот на поротата или не, а јас верувам во системот на поротата. Случајот беше тест. Се испробуваше внимателно, на моменти речиси прецизно. Тоа не значи дека нема да има проблеми во жалбата. Секогаш има забелешки околу жалба. Тоа не значи дека нема да има изненадувања“, рече Коен.

22-ца сведоци сведочеа во шестнеделното судење, вклучително и уредник на таблоиден весник кој објавил критички стории за Трамп, ѕвездата на филмови за возрасни Сторми Даниелс, која рече дека била платена да молчи за сексуалната средба со Трамп што тој ја негира како и поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, кој рече дека ги извршил тие плаќања на Даниелс во име на Трамп.

Окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, рече дека поротата ја донела својата одлука врз основа на доказите и законот.  

Да се биде осуден за кривично дело е еден вид удар што може да ги загрози амбициите на секој политичар.

Наместо тоа, Доналд Трамп ќе се обиде да го претвори она што инаку би можело да биде пресуда за завршување на кариерата во уште поголем поттик за неговата кампања.

Бајден и Трамп по пресудата и двајцата во нешто се согласија, а тоа е дека народот ќе одлучи што ваквата пресудата и која страна ќе има корист на 5 ноември, на денот на гласањето за нов претседател на САД.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )