Како од „блескава“ економија за две недели станавме „клинички случај“?!

Без координација или вистина, ама кој во власта ја зборува? Неколку различни изјави деновиве слушнавме од различни функционери во власта во врска со буџетот. Хронолошки, прво буџетот беше одличен а сега е на стаклени нозе.

Клучното прашање е каде отидоа парите? Најгласен беше токму лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој од партиска говорница во улога на министер за финансии за кратко време даде спротивставените изјави. Пред една недела најави дека ќе куртулиме од рати и извршители, за потоа да каже дека едвај се спасуваме со кризата.

Сега пак на стопанството му требаат не една, две туку дури и три милијарди евра за да преживее, пари што во моментов ги нема.
Па тука се поставува прашањето: како од блескава економија за десетина дена станавме клинички случај?

Ама тука не завршува разноликоста во изјавите. Довчерашниот вицепремиер за економски прашања го надмина и својот екс-шеф во владата проценувајќи дека во буџетот ќе фалат 2 милијарди евра.

– Владата треба да најде извор на финансирање и тоа ќе биде сега многу тешко затоа што сите држави и сите големи компании ќе бараат дополнително финансирање и од тој аспект средства нема да има така лесто на располагање, додава Анѓушев.

Тој тврди дека и овие 2 милијарди евра главно ќе заминат за плати. Чекор подалеку пак отиде министерот Дамјан Манчевски, кој најави дека можно е да нема плата ни за вработените во администрацијата.

– Во овие времиња не е само кој колку земал плата, туку мора да покажеме солидарност. Навистина ќе треба да вложиме сериозни напори за воопшто да се подели таа плата и ова е една превентивна мерка, јас би рекол подобро сега да се реагира, за да подоцна да можеме релативно брзо да се вратиме во нормална форма на функционирање, вели Манчевски.

А само пред околу 3 месеци министерката Нина Ангеловска рече дека буџетот бил во добра кондиција. Се излезе на виделина откако Заев побара платите на административците за месец април и мај да се скрати на 14.500 денари што предизвика гневни реакции кај повеќе синдикални здруженија и кај административните работници, потенцирајќи дека владата е таа која што мора да најде решенија со справувања од пандемијата, а не да ги ништи работниците.

Прашањето што останува неодговорено е каде се парите од буџетот кој беше во добра кондиција и блескаше пред само 3 месеци?

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста