Како е започната изградба на болницата во Штип со нецелосен проект каде недостига систем за електрика?

Како е започната изградба на болницата на нецелосен проект каде недостига системот за електрика? Ова е само едно од клучните прашања што се поставува по информацијата оти за изградба на Клиничката болница во Штип ќе бидат потребни дополнителни 7 милиони евра, која, во одговор на прашање на Алфа, ја потврди и министерот Филипче.

Тој посочи оти не може да каже зошто не бил планиран системот на електроника, но појасни дека после направената ревизија, на крајот на 2018 година, излегло дека се потребни дополнителни 7 на првичните 30 милиони евра за да се надополни и да се модернизира проектот, согласно некои нови европски стандарди кои во меѓувреме излегле во сферата на градење на болници.

-Зошто не бил планиран системот на електрика, јас навистина не можам да кажам. По направената ревизија, на крајот на 2018, излегло дека е потребна таа сума за да се надополни и да се модернизира проектот согласно некои други европски стандарди кои во меѓувреме излегле во сферата на градење на болници. Тоа значи, дека треба дел од фасадата да биде огноотпорна или дека има измени во машинството согласно тие европски стандарди, изјави Филипче.

Па на најголемиот капитален проект во регионот никако да му тргне, бидејќи само досега е стопиран четири пати. Застојот во изградбата дефинитивно ќе го пролонгира и рокот на изведбата, па првата фаза според сегашните предвидувања, треба да биде завршена наредната година, односно 2021- година.

За потсетување, изградбата на болницата во Штип започна во 2016 година, а требаше да биде готова пред две години.

Ако договорената изградба во 2016 година за болница во Штип се одложува и не е завршена, речиси четири години подоцна, а најавата за новиот скопски клинички центар датира од пред деценија, изгледа граѓаните ќе се изначекаат уште толку за да се стави крај на сегашниот хаос кој владее во комплексот „Мајка Тереза“. Ниту претходната, а ниту оваа власт засега не ставија ни цигла за нов клинички центар. Според најавата на Филипче, оваа изградба треба да стартува на крајот од овој месец, а државата ќе позајми пола милијарда евра за реализација на проектот.

С.Т.С.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста