Кафаните се затворија, ама помош не добија – угостителите велат дека ќе пропаднат
Пусто и празно без гости. Ако до вчера немаше слободно место да се седне на кафе, денеска сликата е сосема различна. Затворени локали, празни маси и столици.
Празни беа локалите секаде, во сите населби, во сите градови. Улица Македонија која важи за една од најфрекфентните, денеска остана полу празна. Така беше и во центарор на Скопје.
Празно беше и во скопско Дебар Маало, каде што до вчера немаше ни игла каде да се фрли, но затоа денеска сликата овде е сосема поинаква.
И додека власта ги затвора сите локали, голем дел од угостителите ги одјавуваат работниците, зашто немале никаква гаранција дали забраната за работа ќе важи само две недели или повеќе. Немаат ниту денар да исплаќаат плата во услови кога не работат, а ни владината помош од петтиот пакет за февруари се уште не им е исплатена.
- Немаме никаква помош. За тоа сведочи и петтиот сет на мерки кои е заглавен во Собрание. Ова не може вака. Не може да врземе крај со крај, ова е катастрофално што се дешава. Реагираме дека не може да се носат само рестрикции, а да нема никаква помош. Ако од Владата не помогнат, ќе видите колку бизниси ќе стават клуч на врата, и колку луѓе ќе останат на улица без работа, затоа мора итно да се дејствува, вели Мартин Ангеловски од Угостителска комора на Македонија.
Од Владата рекоа само дека ќе се помогне онаму каде што треба, вез конкретно да прецизираат кога и колку. Во отсуство на владина помош, денеска дел од угостителите, посебно оние на градскиот кеј во Скопје, рестриктивните мерки ги искористија за реновирање на локалите.
Граѓаните сметаат дека овие мерки се задоцнети. Велат ако власта порано ги затворела кафаните, сега немало да дојде до вакво дереџе.
- Ова е лудо што се прави. Мерките требаше многу порано да стапат на сила. Рестриктивните мерки до сега немаа никаков ефект, па затоа мислам дека сега нема ништо да помогне. Кафаните требаше порано да затворат, а не сега, велат дел од граѓаните пред камерата на Алфа.
Од сега, па во наредните две недели, локалите ќе работат само преку шалтерскиот систем на услуга, односно со достава. Но барем денеска, немаше ништо од тоа.
Инаку, од вчера стапи на сила и забраната за посетители во фитнес-клубовите и спортските сали, како и забраната за одржување конференции и обуки. Целосна забрана да примаат гости имаат и хотелите, мотелите и другите објекти за сместување. Ваквите рестрикции ќе бидат важат до 20 април.
Борис Грујоски