Власта се откажа од идејата за предвремено одење во пензија?

Каде исчезнаа владините ветувања за предвремено одење во пензија? Откако во септември во јавноста се крена врева и се покрена дебата околу можноста жените да одат во пензија со 57, а мажите со 59 години, со најновите законски измени тоа не е предвидено. Пишува единствено дека останува условот за пензионирање со 15 години стаж и возраст од 64 години. Жените пак, можат да се пензионираат на 62 години. Исклучок ќе бидат само дефицитарните кадри, односно работниците во здравството и високото образование кои ќе можат да се пензионираат најдоцна до 67 години.
Можноста да се оди предвреме во пензија ја промовираше лично премиерот пред неколку месеци. Работниците кои ќе се пензионираа порано требаше или да прифатат пониска пензија или да си доплатат за стаж. Требаше да се определат и професиите за кои ќе се овозможеше предвремено пензионирање. На овој начин, 5 години предвреме ќе се пензионираа 52 илјади лица. Оваа заложба стои и во владината програма.
Можноста за предвремено пензионирање е прифатлива и за бизнисмените и за синдикатите. Сепак, за да не дојде до поголем недостаток на кадар бизнисот побара во приватниот сектор предвремено пензионирање да има единствено на барање на самите вработени.
Синдикатите, пак, го поздравија ова ветување. Тие дури имаа и повеќе варијанти за одење предвреме во пензија. Меѓу нив и враќање на старото решение за одење во пензија со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи, како и воведување на бенефициран стаж за повеќе категории работници.
Во земјава има околу 325 илјади пензионери за кои се издвојуваат речиси една милијарда евра годишно.
Тања Попова