Каде “исчезна” пријателството со Бугарија и Грција?

И покрај промената на уставното име на државата и потпишувањето на двата договори за добрососедство, Македонија се уште без конкретен датум за почеток на преговорите за ЕУ. Тринаесет земји членки на Унијата преку заедничко соопштение бараат во јуни Македонија и Албанија да добијат датум, но она што е симптиматично е што меѓу нив не е Грција.

За министерското соопштение се огласи и шефот на државата Стево Пендаровски вели дека има земји членки кои сакаат веднаш да започнеме со преговори, но има и втора група на земји кои не сакаат да ги разделат Македонија и Албанија од заедничкиот пакет.

Има писмо на тринаесет земји членки кои заговараат почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, останатите други земји не кажале ништо во однос на тоа, мислам дека во вторава половина се земјите кои не сакаат да се разделат. Холандскиот Парламент исто така гласаше за враќање на визите за државјаните на Албанија, и тоа беше прв знак дека не се спремни да и дадат датум на Албанија сега. Така што второво гласање не е изненадување, вели Пендаровски во интервју за МИА.

Од Грција, каде се распишани предвремени избори идниот месец, се поизвесниот иден премиер Мицотакис се заканува дека ќе ја блокира македонска евро интеграција, доколку некоја македонска влада направи каков било чекор кој не е по волја на Атина. И покрај Договорите за добрососедство и пријателство двете соседни земји членки на ЕУ се повеќе го засилуваат притисокот и бараат нови отстапки од македонска страна. Нов кочничар е токму источниот сосед Бугарија, каде министерката за надворешни работи Захариева вели дека не се подготвени на компромиси околу прашањето за Гоце Делчев и се закани дека без договор околу заедничкиот датум за чествување на Делчев Софија ќе ја прекине работата на експертската комисија.

-Јас и на пленарните разговори со комисијата кажав дека ние не сакаме ништо повеќе од вистината.Не може да се прават компромиси со вистината. И самиот Гоце Делчев десетици пати кажал што е – бугарин.Го напишал тоа десетици пати!, вели Захариева во интервју за бугарските медиуми.

Ваквиот пристап на бугарската страна е јазик на студена војна, а не на пријателство, велат експертите. Целта е добивање што поповлна позиција во пресрет на одлуката за одредувањето на датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Претходно и министерот за одбрана Каракачанов најави блокирање на нашето членство во ЕУ и НАТО, доколку македонската страна не прифарти одредени отстапки во одност на историските прашања.

Мери Ѓорѓиевска